Од АВМУ додаваат дека од регулаторен аспект, новинарката која ја водела емисијата постапувала согласно професионалните новинарски стандарди и поставувала релевантни прашања, ги доведувала во прашање изнесените тврдења и барала нивно дополнително образложение

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осудува ставовите на Петар Богојески со кои се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата, се промовира нивната подредена положба и се прави обид таквите сфаќања да се претстават како традиционални вредности, се вели во денешното соопштение.
Оттаму велат дека извршиле увид во емисијата „Под лупа“ емитувана во ТВ Алфа, во која гостувале Петар Богојески, претседател на партијата Македонски Концепт, и Катерина Котеска, адвокатка специјализирана за семејно право и семејно насилство.
Од АВМУ додаваат дека од регулаторен аспект, новинарката која ја водела емисијата постапувала согласно професионалните новинарски стандарди и поставувала релевантни прашања, ги доведувала во прашање изнесените тврдења и барала нивно дополнително образложение.
Според Агенцијата, пораките на Богојески се неприфатливи и се во спротивност со основните принципи на почитување на човековите права, еднаквоста и човечкото достоинство.
„Насилството, понижувањето и нееднаквоста не се традиционални вредности и не можат да бидат оправдани под каков било изговор. Особено е недозволиво физичкото насилство врз децата да се претставува како прифатлив начин на воспитување, или насилството врз жените како нормален дел од семејните односи“,
се додава во соопштението од АВМУ.
Осуда за ставовите на Богојески изнесени во телевизиска дебата на ТВ Алфа, денеска упати и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на социјалната мрежа Фејсбук, која ги оцени како понижувачки и опасни за жените.
Според Митева, станува збор за понижувачки, ретроградни и опасни сфаќања кои го навредуваат достоинството на жените и ги поткопуваат вредностите на демократското општество.
Богојески во емисјата зборуваше за феминизмот, брачните односи и улогата на мажот во односот со жената. Тој посочи дека феминизмот ги поттикнал жените да го отфрлат машкиот надзор, посочувајќи дека сопругот треба да има улога на надзорник.
