„Прочитани се. Освен криминал, пари и корупција, ништо друго не ги интересира. Граѓаните да бидат спокојни. Сè додека премиер е Мицкоски, а ВМРО-ДПМНЕ е на власт, плати и пензии ќе има, а банки нема да пропаѓаат“, изјави на денешната прес-конференција пратеникот и заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и нивниот лидер дека со, како што велат, притисок врз Народната банка и Алта банка создаваат паника и хаос во банкарскиот сектор со цел бизнисмен близок до Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев да ги откупи акциите на банката по ниска цена.

„Тоа што со месеци го правеа не беше поради некаков српски свет, туку поради бизнис-интереси на Филипче и неговиот ментор Заев. Целта на Филипче и СДС во случајот со Алта банка е да создадат паника и хаос во банкарскиот свет, дека банката е пред распаѓање и дека е неликвидна, за утре, близок бизнисмен до Филипче и Заев да ги откупи акциите за багателна цена“,
изјави пратеникот и заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Како еден од доказите за своите тврдења, од ВМРО-ДПМНЕ ја посочуваат вчерашната прес-конференција на генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ, на која тој побара Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да не ги исплаќа пензиите на корисниците на сметките во Алта банка. Од партијата тврдат дека со ваквото барање се прави кривично дело согласно член 315 од Кривичниот законик.
„Прочитани се. Освен криминал, пари и корупција ништо друго не ги интересира. Граѓаните да бидат спокојни. Сè додека премиер е Мицкоски, а ВМРО-ДПМНЕ е на власт, плати и пензии ќе има, а банки нема да пропаѓаат“,
изјави Петрушевски.
Генсекот на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, вчера беше во посета на Битола, од каде што побара Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ја прекине исплатата на пензиите на сметките во Алта банка сè додека пензионерите не добијат сигурен пристап до своите средства. Побара на штедачите да им се овозможи целосен пристап до нивните заштеди и ја обвини власта дека го штити капиталот на сопствениците на банката.
