За да го обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на судскиот процес, покрај милионската гаранција во имот, Кривичниот совет му одреди и дополнителни мерки за претпазливост – одземање на пасошот и забрана за издавање нова патна исправа за преминување на државната граница, како и обврска за редовно јавување во Судот

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција во недвижен имот вредна 1 140 781 евро и донел решение за укинување на мерката притвор за Перпарим Барјарми, првообвинет во предметот во јавноста познат како „Лотарија“.
Против Бајрами на 13 август 2026 година беше поднесен обвинителен предлог за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, за кое е предвидена казна затвор до пет години. Откако претходно беше недостапен за органите на прогонот, тој на 9 септември 2026 година сам се пријави на издржување на мерката притвор во КПУ „Затвор“ – Скопје.
Согласно Законот за кривичната постапка (ЗКП), за ова кривично дело и вид на обвинителен акт, притворот може да трае најмногу 60 дена – рок кој за обвинетиот истекува на 8 ноември 2026 година.
За да го обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на судскиот процес, покрај милионската гаранција во имот, Кривичниот совет му одреди и дополнителни мерки за претпазливост – одземање на пасошот и забрана за издавање нова патна исправа за преминување на државната граница, како и обврска за редовно јавување во Судот.
Од судот велат дека против решението на надлежниот јавен обвинител, како и останатите странки во постапката, се откажале од правото на жалба и истото денеска станало правосилно. По впишувањето на хипотеката во Катастарот на недвижности, обвинетиот ќе биде ослободен од КПУ Затвор Скопје.
Поранешниот директор на државното претпријатие, Перпарим Бајрами, на 18 септември седна на обвинителна клупа во скопскиот Основен кривичен суд и се изјасни дека не се чувствува за виновен за кривичното дело злоупотреба на службената положба шти му се става на товар.
Покрај него, во предметот се обвинети и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, и петмина ексчленови на Надзорниот одбор на претпријатието – Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди.
Според обвинението, тие се товарат дека со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596 125 511 денари, односно околу 9,7 милиони евра. Груби се гони дека во својство на тогашен вицепремиер, претседавал со владината седница на која според обвинителниот предлог предложил да се усвои одлука со која на „Државна лотарија“ ѝ се дава зелено светло да купи видеолотариски терминали и да започне со самостојно приредување игри на среќа, иако ова право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог од 6,2 милиони евра во основањето на заедничката компанија „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“, каде АД „Државна лотарија“ поседува 51 отсто од уделот.
Минатиот месец и второобвинетиот во случајот, Артан Груби, излезе од куќен притвор откако му истече максимално предвидениот законски рок за оваа мерка.
Според судското соопштение, согласно член 470 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), мерката притвор односно куќен притвор по поднесен обвинителен предлог не може да трае подолго од 60 дена. Имајќи предвид дека обвинителниот предлог бил поднесен на 13 август 2026 година, Кривичниот совет донел решение за нејзино укинување поради истекување на законскиот рок.
Од Основниот кривичен суд Скопје рекоа дека му се определени мерки за претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за повремено јавување во судот, забрана за приближување и остварување контакти со одредени лица.
Судот дополнително информира дека Груби и понатаму останува без патната исправа и има забрана за издавање нова или друг документ за преминување на државната граница. Оваа мерка останува откако Кривичниот совет го разгледал предлогот на одбраната за укинување на оваа мерка со понудена гаранција, но по добиено негативно мислење од надлежното јавно обвинителство, донел решение со кое барањето на одбраната е одбиено.
