Министерот не најави присилни мерки за вакцинација, туку упати апел до граѓаните да ја проверат својата вакцинална историја и да се вакцинираат доколку немаат примено две дози или не ја прележале болеста. Не верува, како што вели, во присилни мерки бидејќи, според него, тие можат да го зголемат отпорот кон вакцинацијата
Уште еден случај на морбили, петти по ред, е регистриран во земјава. Станува збор за бебе на возраст од година и пол, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски пред почетокот на националната консултација за новиот закон за лекови, што ја организираше Министерството за здравсво во соработка со Светската здравствена организација (СЗО).
Со новиот случај, морбили досега се потврдени кај три бебиња и еден 45-годишен маж, сите македонски државјани, како и кај едно лице од Косово.

Клековски рече дека постои прелиминарна поврзаност меѓу случајот со косовскиот државјанин и трите случаи кај домашни државјани, но дека ќе се почека епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје пред таа официјално да биде потврдена.
Се вршат епидемиолошки испитувања на примарните и секундарните случаи, како и инспекциски надзори во здравствените установи каде што имало можни контакти со заразените лица.
Министерот не најави присилни мерки за вакцинација, туку упати апел до граѓаните да ја проверат својата вакцинална историја и да се вакцинираат доколку немаат примено две дози или не ја прележале болеста. Не верува, како што вели, во присилни мерки бидејќи, според него, тие можат да го зголемат отпорот кон вакцинацијата.
„Повикот за вакцинирање е за да се заштитат тие што не можат да се вакцинираат. Значи бебињата до 12 месеци не можат да се вакцинираат. Имаме постојано една група од 15-ина илјади бебиња кои се во одреден ризик. Секако и повозрасната популација што не е вакцинирана“,
кажа тој.
Посочи дека морбилите се меѓу најзаразните вирусни заболувања и дека вирусот може да остане заразен во воздухот до два часа. Затоа, граѓаните кај кои ќе се појават типични симптоми не треба да одат директно во здравствена установа, туку најпрво да се јават кај лекар. Родителите, пак, не треба да ги носат децата со симптоми во градинка или во училиште.
Претставникот на Светската здравствена организација во земјава, д-р Аким Али, истакна дека е неопходно стапката на вакцинација да достигне 95 отсто.
Актуелниот опфат во земјава, додаде дека е под потребното ниво и ја нагласи важноста на заштитата на бремените жени, бидејќи инфекцијата со морбили може да доведе до вродени компликации кај плодот.
