„Исто така, сакам да најавам, доколку биде сѐ како што треба, во декември три нови производни капацитети, коишто кога ќе го достигнат својот врв на инвестицијата и полн капацитет, ќе отворат повеќе од 1 000 добро платени работни места“, вели премиерот во видеобраќањето
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во видеообараќање од Диселдорф соопшти дека германската компанија „Гересхајмер“ планира нова инвестиција во Македонија со која бројот на вработени од постојните 300 би се зголемил на 500. Тој најави и дека во декември би можеле да се отворат уште три други нови производни капацитети кои ќе вработуваат повеќе од 1 000, како што кажа, добро платени лица.

Мицкоски во изјавата вели дека денеска имал средба со премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, како и состаноци со голем број компании што се присутни или сакаат да отворат бизнис во Македонија.
„Меѓу нив би ја издвоил средбата со компанијата ‘Гересхајмер’, којашто веќе има реализирано две инвестиции. Вкупната инвестициска вредност е околу 120 милиони евра, а бројот на вработени изнесува околу 300 лица. Но, она што е поважно е нивната амбиција за нова, дополнителна инвестиција на 100 000 квадратни метри, каде што ќе го зголемат бројот на вработени до 500 и практично ќе го триплираат обртот на својот бизнис кај нас, со што ќе дадат позитивен придонес и ќе додадат вредност во македонскиот БДП. Исто така, сакам да најавам, доколку биде сѐ како што треба, во декември три нови производни капацитети, коишто кога ќе го достигнат својот врв на инвестицијата и полн капацитет, ќе отворат повеќе од 1 000, што е уште поважно, добро платени работни места“,
вели премиерот во видеообраќањето.
Што се однесува до средбата со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Мицкоски ја оценува како исклучително корисна и плодна, на која биле истакнати добрите билатерални односи.
„Добро е да се каже дека Македонија е единствената држава од шесте земји од Западен Балкан којашто има потпишано договор за ваков тип билатерална и економска соработка“,
вели тој.
Осврнувајќи на покраината, Мицкоски посочува дека таа е десетпати поголема од Македонија, брои 18 милиони жители и, како што посочува, е вистински економски гигант.
„Номиналниот БДП е поголем од 900 милијарди евра во 2025 година – ако нашиот беше околу 18 милијарди евра, тогаш зборуваме за 50 пати поголема економија. Ако нашиот БДП по глава на жител е некаде околу 10 000 евра, овде во Северна Рајна-Вестфалија тој номинален доход е околу 50 000 евра, односно пет пати поголем“,
вели премиерот во обраќањето.
Мицкоски додава дека можностите за соработка се големи, а во таа насока го поканил премиерот на покраинската влада догодина, по завршувањето на изборите во Северна Рајна-Вестфалија, кои треба да бидат во април, да ја посети Македонија за да разговараат за, како што вели, посуштинска и подлабока соработка помеѓу нашата земја и оваа германската покраина.
Премиерот видеобраќањето го завршува со порака дека се борат за Македонија во Германија и дека наскоро доаѓа во Скопје.
