Фарие Асан со семејството живее во скопската населба Шуто Оризари. До пред три години живееле во странство. Едната ќеркичка е родена во Италија, а другата во Германија. По враќањето, Фарие завршила обука и добила сертификат за негувател на стари лица и од тогаш е во таа професија.
„Има доста такви кои сакаат да го добијат сертификатот и да заминат од тука за да работат во странство, но, еве, одлуката беше на маж ми, ние да останеме тука. Се вративме и почнав тука да работам. Сепак и тука е добро.“ – вели Фарие Асан, негувателка на стари лица.
Наутро, заедно со сопругот, има време да им се посвети на децата пред да и започнат работните обврски.
„Кај некој корисник имаш само да пазаруваш и да му однесеш, кај некој имаш да зачистиш по дома, да им одржуваш, да им готвиш, доручек да им спремаш, одење во амбуланта, пишување рецепти, земање упати, тоа.“ – додава Асан.
Таа има вкупно осум стари лица за кои се грижи. Ги посетува три пати неделно по два часа.
Пред неа е ден во кој треба да посети четворица од корисниците. Сите живеат во различни делови на Скопје.
Во скопско Маџир Маало живее 71-годишната Маријана Лазева. Таа неодамна ја оперирала раката, па помошта и е добредојдена. Но, признава дека најмногу и треба пријателство.
„Ми почина снајка за син. И ми ја пополни таа празнина со навистина голема љубов. Јас знам да дарувам љубов, но бев во една голема депресија. И многу им благодарам, бидејќи навистина јас малку живнав. Што вели мојата докторка, да те вратам во позитивната Маријана, и сега сум добра.“ – вели Лазева.
Таа и самата има внука која работи во Брисел и смета дека младите треба да си градат кариера таму каде што им е најдобро, но сепак е среќна што негувателката Фарие решила да остане.
„Младите како Фарие јас мислам дека ни требаат и многу како Фарие.“ – додава Лазева.
Маријана Лазева воопшто не би ја запознала Фарие ако таа не завршела обука за негувателка на стари лица во земјава. Таков четиримесечен курс спроведува здружението „Хуманост“, кој си го плаќаат или самите кандидати или донатори, меѓу кои и државата. Но, во „Хуманост“ имаат ваков проблем:
„Си заминал на сред обука за странство, си заминал, странство…“ – извршниот директор на здружението, Сашко Јованов, ја пролистува евиденцијата со оние кои учествувале во обуките за негуватели на стари лица.
„Еве девојкава, која исто така работеше, тоа се слики од терен, меѓутоа за жал…“
Во Германија е и таа?
„Да. Сепак, дел од нив се враќаат, дел од нив остануваат, меѓутоа и таму, нели, не е лесно.“ – вели Јованов.
Негуватели им заминуваат, иако на голем дел од нив обуката им ја плаќа државата за полесно да си најдат работа.
„Сметам дека треба да се најде модул во кој што државата, иако инвестира во нив, тие да вратат со тоа што ќе бидат обврзани по завршувањето на едукацијата, доколку им се понуди работа, истите да не ја одбијат. Една четиримесечна обука е 30 илјади денари. Во краен случај, ако вие не сакате да работите, иако ви е понудено работно место, треба да ги вратите парите таму каде што сте ги добиле.“ – смета Јованов.
Во Агенцијата за вработување велат дека преку обуките создаваат кадри за потребите на домашното стопанство. По добивањето на сертификатот во земјава се вработуваат до 50 отсто од обучените, што го сметаат за висок процент. Сепак, иако голем дел од останатата половина заминуваат во странство, државата нема механизам со кој би ги обврзала да останат, и покрај тоа што ги финансира обуките.
„Секое невработено лице има еднаков пристап во спроведување на обуки со цел истите да бидат полесно вработливи на пазарот на трудот. Ние не можеме на невработените лица да им го скратиме правото да учествуваат во обуки, во активни мерки и политики за вработување и да бидат учесници на пазарот на труд. Во суштина тоа е наша примарна цел.“
Без разлика дали се спремаат за домашниот или за странскиот пазар на труд?
„Граѓаните врз основа на нашите повици и посредувања што ги правиме учествуваат во активните мерки. Ние ги подготвуваме тие да бидат лесно вработливи и конкурентни на пазарот на труд во Република Северна Македонија.“ – рече Билјана Јовановска, директорка на Агенција за вработување на РСМ.
Еден од најголемите корисници на услугите на „Хуманост“ е општината Центар. Со нивниот проект за грижа на постари лица, во моментов, помош добиваат околу 100 жители на општината, чии блиски најчесто се иселиле.
„Уште поголем проблем е што веќе голем дел се, на некој начин, отидени во странство и веќе имаат направено одредена база и сега многу полесно ги повлекуваат сите останати. Тоа е голем проблем бидејќи навистина, и во овој проект и во многу останати, ние ќе обучиме луѓе за после година-две да мора да заминат.“ – вели Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
Повторно „пожар“ во „Хуманост“. Така во здружението ја нарекуваат ситуацијата кога ќе им замине некој од негувателите па мораат да прават комбинации за да ги покријат сите корисници. Од 60-тина лица вклучени во обуките, останале со десеттина негуватели. Емилија Робановска смета дека хонорарот што го нудат е во рамките на домашниот стандард, а самата работа дека не е тешка.
„Кај нас работат, оптимално, со шест корисници во текот на неделата. Тоа значи три корисници дневно. Тие тројца ги поминуваат понеделник, среда и петок по два часа, значи ефективни работни часови со корисник им се шест часа. Тие земаат 15 илјади.“ – вели Емилија Робановска од здружението за поддршка и развој „Хуманост“.
Оваа потпросечна плата за повеќето млади во земјава не е доволна. Таков е примерот на 33-годишната Јованка Антовска, која потекнува од тетовско Жилче, а речиси шест години работи во дом за стари лица во Франкфурт, Германија. Вели дека таму има голем недостиг на негуватели и медицински персонал што се пополнува со кадри најчесто од балканските земји, а заработувачката достигнува и до две илјади евра месечно.
„Се работи седум часа на ден, условите се многу добри, старскиот дом изгледа како хотел.“ – раскажува Антовска.
Дали размислуваш за враќање во Македонија?
„Не. Затоа што тука е мојот дом сега и се чувствувам исполнето. Тука навистина се заработува подобро од Македонија и подобро се цени.“ – додава таа.
За разлика од Јованка, негувателката Фарие Асан смета дека приходите во земјава и се задоволителни. Таа заврши со дневните обврски кај нејзината тетка Маријана во Маџир Маало.
Дали размислувате во иднина повторно да заминете во странство?
„Можеби. Не се знае никогаш.“
Зошто би заминале?
„Веројатно од финансиски причини. Сега за сега финансиските средства ми се доволни и тука, а за понатака не знам. Како ќе биде – не знам.“ – вели Асан.
Македонија демографски старее, што значи дека ќе има се повеќе работа за негуватели на стари лица и кај нас. Но, ќе има ли кој да ја работи?