Министерството за правда барало Основниот кривичен суд Скопје да ги достави сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори

Сите документи потребни за екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски се доставени до Министерството за правда.
Ова за телевизија Телма го потврдиле од Кривичниот суд каде што во моментов сè уште се водат, но и има веќе завршени процеси против обвинетиот и осудениот азилант.
Од Правда до судот барале да се достават сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори.
И министерот за правда Игор Филков пред два дена потврди дека се чека формирањето на новата влада во Унгарија, земјата каде што избега Груевски, за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересирана да го врати бегалецот, кој патем има политички азил.
Владата во Унгарија треба да биде конституирана на 9 мај, Денот на Европа.
За потсетување, по убедливата победа на изборите, човекот кој се очекува да стане нов премиер на Унгарија, Петер Маѓар, на прес-конференција најави екстрадиција на Никола Груевски и посочи дека Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци.
Азилот на Груевски не може да се укине преку ноќ, а сè дотогаш не може да биде екстрадиран
Сепак, во интервју за „360 степени“, адвокатот од Хелсиншкиот комитет на Унгарија, Жолт Секереш, кажа дека бегалскиот статус на едно лице подлежи на ревизија секои три години. Преиспитување може да се иницира и вонредно, но во тој случај се потребни неколку месеци за да се донесе правосилна одлука, независно од политиката и најавите на Маѓар.
Нашиот соговорник не ја исклучува хипотезата дека, во теорија, Никола Груевски би можел веќе да има унгарско државјанство. Имал право да побара такво нешто три години откако првпат добил бегалски статус. Одлуката по таквите барања е дискрециска, на унгарскиот претседател.
Од друга страна, ако се врати, Груевски треба да одлежи десет и пол години затвор за „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека против него се водат и судски постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“ .
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА:
