СДСМ, како што најави, ќе бара целосна истрага на сите бизнис-комбинации меѓу Орбан и Мицкоски. Граѓаните, додава, мора да знаат кој точно стои зад медиумите, телекомуникациите, кредитите, инфраструктурата и сите одлуки што се носени во нивно име
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција од седиштето на партијата во Скопје се осврна на политичките промени во Унгарија и како тие ќе влијаат на процесите во земјава, но постави и прашање дали власта ќе побара екстрадиција за поранешниот премиер на државата Никола Груевски, кој во ноември 2018 година избега за Будимпешта, каде што доби политички азил.

Прво, Филипче ја поздрави пораката на Петер Маѓар, лидерот на партијата Тиса, која однесе убедлива победа на парламентарни избори во Унгарија, дека неговата земја повеќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил, притоа наведувајќи го и името на поранешниот премиер на С Македонија, Никола Груевски.
Потоа посочи дека со промената на власта во Унгарија се става крај на ерата во која Будимпешта беше безбедно засолниште на сите осудени корумпирани криминалци, вклучително и на Груевски, за кого рече дека со години уживал гостопримство од Виктор Орбан.
„Маѓар експлицитно наведе дека Унгарија ќе ги испорача оние што се кријат на нејзина територија и директно го означи Никола Груевски како криминалец. Тој со години наназад уживаше гостопримство од Виктор Орбан кој го штитеше од правдата. Ќе бега ли на друго место, во Русија или во некоја друга земја, или ќе се врати тука да ја отслужи казната“,
рече тој.
Лидерот на СДСМ постави и прашање до владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, дали досега поднеле барање за екстрадиција на Никола Груевски во земјава, но и дали тоа ќе го сторат по изјавата на новиот унгарски премиер.
„Бидејќи движењето ЗНАМ веќе му честиташе на победата на новиот унгарски премиер, сега го поставуваме следното прашање, има ли барање за екстрадиција досега оваа влада на ВМРО и ЗНАМ поднесено за враќање на Никола Груевски. Доколку нема, зошто нема? И доколку нема, дали денеска, во текот на денот после изјавата на новиот унгарски премиер ќе поднесат барање за негова екстрадиција. Правдата, колку и да доцни, на крајот секогаш стига. Време е за правда. Време е за Европа кај нас и во цела регион“,
кажа Филипче.
Паѓаат автократските режими: Следен е тој во Србија
Според него, граѓаните на Унгарија гласно и јасно рекоа е доста автократија. Нагласи дека ова е голема историска победа на демократијата и автократијата на Европа над руското и кинеското и на владеењето на правото над корупцијата.
„Историската победа во Унгарија испраќа јасна порака до целиот регион. Времето на автократите завршува. Паѓаат автократските режими. Следен е тој во Србија, па после тој на Мицкоски кај нас. Регионот му припаѓа на Европа, не на Русија. Доаѓа време на правда и одговорност. Се потврди тоа што го говориме подолго време наназад, зошто е ова многу важно за Македонија“,
рече тој.
Кој стои зад медиумите, телекомуникациите, кредитите, инфраструктурата
Владата на Христијан Мицкоски, како што вели, ги ставила стратегиските интереси на Македонија во рацете на Орбан.
„Не за државата, туку за свои лични бизнис-интереси. Не ги стави во рацете на Унгарија, не ги стави за доброто на државата, туку во рацете на бизнисмени блиски на човекот кој веќе не е на власт. Телекомуникации, енергетика, медиуми, финансии, сè беше поврзано со кругот на Орбан“,
вели Филипче.
Според него, со падот на власта во Унгарија, ќе се отворат и прашањата за бизнис-релациите и додаде дека СДСМ ќе бара целосна истрага за сите бизнис-комбинации меѓу Орбан и Мицкоски.
„Со падот на Орбановиот режим во Унгарија, наскоро може да дојде до целосно откривање на сите тајни бизнис-комбинации меѓу Орбан и Мицкоски. Сите овие тајни договори и бизнис-комбинации ќе излезат на светло. Доаѓа време за вистина, правда и одговорност“,
рече лидерот на опозицијата.
Според Филипче, таква е медиумската империја, односно дека речиси 40 отсто од медиумите потврдено и докажано и од независни истражувачки новинари, не наши локални, од Европа, се под директна контрола на луѓето на Орбан, преку бизнисмени блиски до унгарскиот премиер, како Петер Шац и Агнеш Адамик.
„Орбан купи и контролира огромен број медиуми кои се во служба на ВМРО и Мицкоски. И тие се пропагандна машина во Македонија за црни кампањи, за ширење лажни вести и ширење на антиевропскиот наратив“,
вели тој.
За секторот телекомуникации, Филипче посочува и на влезот на унгарската компанија „Фор-ај-џи“ на македонскиот пазар откако добила лиценца за мобилен оператор и пристап до 5Г-инфраструктурата.
Во делот на енергетиката и инфраструктурата, наведува дека компании поврзани со унгарски капитал, како „Статус енерџи“, имале улога во стратегиските проекти.
„Преку фирма Status Energy која влезе во стратегијата за енергетски развој на земјава, оваа година, ќерка фирма на унгарската Status Energy KFT дел од Status Energy Private Equity Fund и е индиректно поврзана со Виктор Орбан преку сопственичка структура што ја вклучува OPUS Global, компанија контролирана од Лоринц Месарош, негов близок соработник. И овие проекти беа дел од пошироката стратегија за економско влијание на Балканот“,
вели лидерот на СДСМ.
Во делот на финансиските аспекти, според него, следуваат кредити кои, како што рече, ќе ги отплаќаат нашите внуци.
„Една милијарда евра, кинески пари, потврдено во соопштение во рапорт на Европскиот парламент на владата на Мицкоски под таканаречени пријателски услови, кои ќе ги отплаќаат нашите внуци. Овие пари доаѓаа како дел од пакет за политичка и медиумска поддршка“,
кажа тој.
Следно, пријателот на Мицкоски, Орбан, според Филипче, на почетокот беше скриена, а во последно време јавна рака на Русија во Европа и НАТО.
Сега, како што рече, доаѓа време за одговорност, а сите овие договори мора да бидат детално истражени.
„И сега кога Орбан паѓа, сите овие тајни договори, бизнис-комбинации ќе излезат на виделина. Нема повеќе заштита од Орбан, нема повеќе таен план. Граѓаните на Македонија мора да знаат кој точно стои зад медиумите, телекомуникациите, кредитите, инфраструктурата и сите одлуки што се носени во нивно име“,
вели Филипче.
СДСМ, како што најави, ќе бара целосна истрага на сите бизнис-комбинации меѓу Орбан и Мицкоски.
Посочи дека антикорупцискиот тим на партијата веќе интензивно работи на откривање на сите криминално-коруптивни дејства на, како што рече, режимот на тендер коалицијата ВМРО организираната криминална група заедно со ЗНАМ на чело со Христијан Мицкоски.
Со медиумите на Орбан директно управува ВМРО-ДПМНЕ
Посочи дека државата со години е во медиумски мрак поради медиумите контролирани од Орбан, со кои директно управува ВМРО-ДПМНЕ, што резултирало со лажни вести, измислени афери, деноноќни напади, како што вели, против СДСМ и лично него.
„И додека ние предупредувавме дека режимот на Орбан ќе падне, ВМРО панично ја засилуваше црната кампања обидувајќи се да дефокусира и да го оттргне вниманието на јавноста. Сега, кога Орбан веќе падна, паниката кај ВМРО е очигледна. Медиумите под нивна контрола веќе почнаа да ја намалуваат важноста на победата на новата демократска влада во Унгарија. Ботовите на социјалните мрежи работат со полна пареа исмевајќи ја победата на Европа над авторитаризмот“,
кажа тој.
Сега, како што додаде, Мицкоски ќе мора да најде друг начин како ќе ги финансира своите медиуми да шират лажна кампања.
Петер Маѓар, лидерот на партијата Тиса, која донесе убедлива победа на парламентарни избори во Унгарија одржани во неделата, вчера порача дека неговата земја повеќе нема да биде депонија на странски криминалци кои добиле азил, притоа наведувајќи го и името на поранешниот премиер на С Македонија, Никола Груевски.
На новинарско прашање за евентуална екстрадиција на двајца поранешни полски функционери кои Варшава ги бара со меѓународна потерница, а кои добија азил во Унгарија, како поранешниот министер за правда на Полска, Збигњев Жибро и неговиот ексзаменик на функцијата, Марцин Романовски, самиот се осврна и случајот на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски.
„Мислам дека бев многу јасен по тоа прашање кога говорев претходно. Реков дека не треба да купуваат мебел во Унгарија од ИКЕА бидејќи нема да останат долго. Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци. И тоа не се однесува само на нив, туку и на г. Никола Груевски, поранешен претседател на Владата на Северна Македонија, кој, исто така, е престапник. Ова не е само затоа што е фер и праведно, туку очекуваме и од другите европски земји доколку кај нив има унгарски криминалци да ги екстрадираат во земјава, а во духот на европската соработка. Во таа насока им порачувам на господата Жибро и Романовски доколку нема што да кријат тогаш треба да си одат дома и да се соочат со правдата. Доколку сè уште не се заминале ние ќе ги екстрадираме во Полска“,
рече тој.
Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, избега во Унгарија во ноември 2018 година, кога требаше да почне да ја издржува правосилната двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“. Експремиерот во Унгарија стигна на сомнителен начин поминувајќи преку три држави сокриен во дипломатско возило.
Таму тој доби политички азил, а властите во Будимпешта досега ги одбија барањата на земјава за негова екстрадиција.
