Полска прогласи дводневна жалост откако вчера 25 годишен тамошен државјанин уби шестмина, а повредени шестаесет во вооружен напад во центарот на Краков

Трите тела пронајдени во домот на осомничениот за вчерашниот вооружен напад во Краков се членови на неговото семејство, потврди полската полиција. Идентификувани се како 53. годишниот татко, 52. годишната мајка и 21. годишната сестра на осомничениот, објави „Би-Би-Си“.
Од полицијата наведоа дека повредите на телата првично се оценети како прострелни рани. Претресите се во тек и не се ограничени само на станот во кој беа пронајдени телата.
Веста дека во домот на напаѓачот се пронајдени три тела, уште синоќа ја објави премеирот на Полска, Доналд Туск кој порача и дека е „убеден“ оти властите ќе можат „многу брзо“ да ги приведат и „евентуалните поддржувачи на сторителот“.
Дводневна жалост во Полска
Полска прогласи дводневна жалост на 8 и 9 ноември на територијата на земјата, откако вчера 25 годишен тамошен државјанин уби шестмина, а повредени шестаесет во вооружен напад во Краков.
Знамињата низ целата земја се спуштени на половина копје.
Градоначалникот на Краков, Лукаш Гибала, вчера потпиша наредба со која се прогласува посебен период на жалост во градот, кој, според него, ќе трае до среда.
Дел од главниот плоштад во Краков и околните улици се повторно отворени, но полициските огради остануваат поставени додека полицијата врши форензички увид. Во тој дел, како и низ градот, присутно е засилено полициско присуство, јавува „Би-Би-Си“.
Шест загинати, шеснаесет повредени во вчерашното пукање во Краков
Инцидентот се случи вчера попладне откако маж со возило влегол на главниот плоштад во Краков и почнал да пука „наслепо“ од автомобилот, при што уби шест лица, а бројката на повредени се искачи на шеснаесет.
Меѓу убиените, тројца се полски државјани и еден е британски, додека останатите двајца сѐ уште не се идентификувани.
Меѓу повредените има пет странски државјани – од Австрија, Германија, Португалија, Русија и Велика Британија.
Полицијата го идентификуваше напаѓачот како 25-годишен полски државјанин, но не го потврди неговото име. Според портпаролот на полицијата, осомничениот носел „облека во воен стил“ и поседувал оружје од воен тип. Сепак, властите наведоа дека тој не бил војник.
Министерот за внатрешни работи изјави дека првичните истраги укажуваат оти тој бил инспириран од „крајнодесничарски идеологии“. Министерот го опиша како „ултранационалист“, без да наведе дополнителни детали.
Напаѓачот се наоѓа во болница. За време на апсењето и тој возвратил со оган, па затоа меѓу повредените се и двајца полицајци, од кои едниот е во критична состојба.
