Дамева вели дека ќе се измени и правилникот за бодувањето на судиите за избор во повисоки судови, ќе мора да има образложение на избор и неизбор, а одлуките ќе треба да бидат индивидуализирани, да се засноваат на објективни стандарди и да бидат конзистентни и компаративни
Со промена на Деловникот на Судскиот совет ќе се намалуваат роковите за движење на предметите, а ќе се кратат и роковите за одлучување. Овие измени, како што најави претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, се предвидени со новата комуникациска стратегија, со кои треба да бидат решени пет од препораките на Оценската мисија на ЕУ.
Со промените, додава Дамева, ќе има и измена на правилникот за бодувањето на судиите за избор во повисоки судови, ќе мора да има образложение на избор и неизбор, а одлуките ќе треба да бидат индивидуализирани, да се засноваат на објективни стандарди и да бидат конзистентни и компаративни.
Дамева, на денешниот брифинг со медиумите, појасни дека има околу пет препораки врзани со транспарентноста и отчетноста и во таа насока е изработена комуникациска стратегија, која ќе биде усвоена откако претседателите на судовите ќе дадат мислење во јуни годинава.
Изработката на стратегијата, додаде Дамева, е дел од акциски план за спроведување на препораките на Оценската мисија на Европската унија за функционирањето на Судскиот совет, изработен во јануари годинава.
„Акцискиот план е јавно објавен. Во него се опфатени 17 препораки во директна надлежност на Судски совет. За секоја препорака има одговорно лице со конкретни мерки и не смее да има пречекорување на временската рамка“,
рече Дамева.
Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање. Препораки, како што информираа тогаш на брифинг во Делагацијата н ЕУ, се групирани во шест сегменти – структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.
Седумнаесет препораки од вкупно 40 се однесуваат на подобрувањето на праксата и работењето на самиот Судски совет и може да бидат спроведени без никакви уставни и законски измени, нешто што е неопходно за останатите 23.
Од овие 17 препораки за Судскиот совет, седум се однесуваат на транспарентноста, а останатите десет на изборот и унапредувањето на судии, што е и клучната функција на Советот.
Останатите мерки што ги препорачува Оценската мисија во својот извештај, а за кои се потребни уставни и интервенции во законите, се однесуваат на прашањата што дефинираат кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот на членовите, воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот.
Извештајот, го начнува и прашањето околку дефиницијата „истакнат правник“, кој се наоѓа во актуелното законско решение, а во однос на критериумите за избор на член на Советот.
Образложување на постапката и одлуката за санкционирање на судии е исто така едно од прашањата кои ги адресираат препораките на Оценската мисија.
Уште едно прашање е должината на мандатот на членовите на Судскиот совет, која со актуелното законско решение изнесува шест години, а треба да биде скратен. Особено за членовите на Советот кои доаѓаат од редовите на судиите, зашто на долг рок ги одвојува од праксата во нивната примарна професија – судија.
Сегменти кои треба да се разгледаат се однесуваат и на членовите на Советот по функција, односно на министерот за правда и на претседателот на Врховниот суд, кои учествуваат во работата на Советот, но немаат право на глас.
Извештајот тогаш беше споделен со властите и надлежните институции и не беше јавно објавен.
Оценската мисија на ЕУ беше составена од тројца правни експерти од Хрватска, Белгија и Италија и престојуваше во земјава во септември минатата година, каде направи анализа на правната рамка и имаше средби со сите релевантни институции, како и експерти од невладиниот сектор.