Според партијата, Министерството за правда и Министерството за јавна администрација, предводени од министри на ЗНАМ, придонеле за институционална модернизација и усогласување со европските стандарди
Од ЗНАМ велат дека остануваат силно посветени на членството на Македонија во Европската Унија, но и на ставот дека нема да прифатат политики на уцени, диктати и поставување нови услови во текот на пристапниот процес
Од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија оценуваат дека посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претставува значајна потврда за напредокот на земјата во спроведувањето на реформите и процесот на европска интеграција.

Од партијата посочуваат дека пораките од посетата се доказ дека реформските активности на државата се препознаени од европските институции и дека Македонија бележи видлив напредок на европскиот пат.
„Македонија денес е препознаена како една од најуспешните успешните земји во регионот во спроведувањето на реформските процеси. Особено значајно е што токму ресорите предводени од кадри на ЗНАМ се меѓу клучните носители на реформскиот напредок, институционалната модернизација и ефикасното спроведување на владините политики“,
велат од партијата која е дел од парламентарното мнозинство.
Според партијата, Министерството за правда и Министерството за јавна администрација, предводени од министри на ЗНАМ, придонеле за институционална модернизација и усогласување со европските стандарди.
„Тие покажаа дека реформите не се само декларативна заложба, туку конкретна акција што носи мерливи резултати. Со професионален пристап, одговорност и јасна визија, тие успеаја да реализираат политики кои ја зајакнуваат правната држава, ја модернизираат администрацијата и ги доближуваат институциите до европските стандарди“,
посочуваат оттаму.
Од ЗНАМ оценуваат дека резултатите од реформите претставуваат дополнителен мотив за продолжување на процесот на европска интеграција, но истовремено нагласуваат дека националното достоинство, идентитетот и државните интереси не смеат да бидат предмет на условувања.
„Токму затоа заштитата на националното достоинство останува нашата црвена линија“,
велат од партијата.
Во соопштението се наведува дека европската интеграција треба да се темели на исполнување на критериумите, реформите и заслугите, а не на билатерални барања кои ги надминуваат европските принципи и стандарди.
Од ЗНАМ остануваат силно посветен на членството на Македонија во Европската Унија, но и на ставот дека нема да прифатат политики на уцени, диктати и поставување нови услови во текот на пристапниот процес.
„Нашата поддршка за европската иднина на Македонија е недвосмислена, но исто така недвосмислена е и нашата определба дека нема да прифатиме политика на уцени, диктати и бесконечно поместување на целта. Македонија останува посветена на европскиот пат, со крената глава и со самодоверба. Ќе продолжиме да спроведуваме реформи, да испорачуваме резултати и да ја градиме европската иднина на државата, но едновремено ќе останеме цврсти во одбраната на националното достоинство, кое за нас претставува непремостлива црвена линија“,
се вели во соопштението.
Од партијата порачуваат дека ќе продолжат да ги поддржуваат реформите и европската перспектива на државата, притоа останувајќи, како што наведуваат, доследни во заштитата на националното достоинство и националните интереси.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта пред два дена при посетата на Скопје рече дека усвојувањето на договорените уставни измени останува клучен услов за формален почеток на пристапните преговори.
„Усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците“,
рече тој.
На новинарско прашање дали е прифатлив предлогот на Владата да се дадат гаранции за државата во форма на заклучоци на Европскиот совет за билатералните теми во процесот на проширување, Кошта рече дека исто како што кажал и пред една година, важи и сега, односно дека треба да се испорача она што е договорено и ништо повеќе од тоа.
На заедничката прес-конференција со Кошта, премиерот Христијан Мицкоски повтори дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат, но дека не бара привилегии или олеснети правила, туку предвидлив и принципиелен процес во кој реформите и резултатите ќе бидат соодветно вреднувани.
Според него, Владата продолжува со спроведување на реформската агенда и посветено работи на европската интеграција.
