Според него, во изминатиот период Владата работи на реформската агенда, зајакнување на институциите, економската стабилизација, привлекување инвестиции и подобрување на јавните услуги, како и на создавање систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблизок до граѓаните
Премиерот рече дека е убеден оти европската иднина може да биде успешна само ако се темели на доверба, заемна почит и принципи, со чувство дека напредокот има смисла и носи придобивки за секој граѓанин
Имавме отворена, искрена и суштинска средба, рече премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, која попладнево се одржа во Владата веднаш по нивниот состанок.
Посочи дека со Кошта разговарале за европската иднина, состојбите во регионот, реформите, економијата, владеењето на правото и институционалната трансформација, како и за подлабокото прашање дали европската идеја и понатаму останува таа што инспирира, обединува и создава доверба.

„Нашата позиција е јасна. Остануваме цврсто определени кон европскиот пат. Не бараме привилегии, не бараме олеснети правила, ниту нешто што не им припаѓа и на другите. Бараме принципи и нормално кредибилен и предвидлив процес. Бараме процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани“,
рече премиерот.
Според него, во изминатиот период Владата работи на реформската агенда, зајакнување на институциите, економската стабилизација, привлекување инвестиции и подобрување на јавните услуги, како и на создавање систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблизок до граѓаните.
Додаде и дека со Кошта разговарале и за реалноста што ја чувствуваат граѓаните во однос на европскиот процес, посочувајќи дека по долги години чекање и промени во условите дел од јавноста се соочува со неизвесност.
„Токму затоа, денес е потребно лидерство. Потребна е јасност. Потребна е доверба“,
кажа тој.
Оцени дека Европа била најсилна кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности, нагласувајќи дека европската интеграција значи конкретни придобивки за граѓаните – од подобро образование и здравство, до повисок животен стандард и нови можности за младите.
„Затоа што европската интеграција не е апстрактна политичка тема. Таа за граѓаните значи поквалитетно образование, подобро здравство, ефикасни институции, сигурни работни места, повисок животен стандард и чувство дека иднината може да се гради дома, а не надвор“,
вели премиерот.
Верува, како што рече, во партнерски дијалог, искрен разговор, меѓусебна почит и заемно разбирање.
„Но, верувам и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да бидат пречка за европската перспектива, туку нејзин составен дел“,
кажа тој.
Владата, како што рече, ќе продолжи да работи, да спроведува реформи, да испорачува резултати и да биде сериозен и конструктивен партнер.
„Со трпение, зрелост, самодоверба и јасна визија за иднината. Убедени дека европската иднина може да биде успешна само ако се темели на доверба, заемна почит и принципи, со чувство дека напредокот има смисла и носи придобивки за секој граѓанин“,
заклучи Мицкоски.
Мицкоски попладнево во Владата го пречека Кошта, кој денеска престигна во Скопје во рамки на неговата регионална турнеја низ земјите од Западен Балкан.
На Меѓународниот аеродром „Скопје“, Кошта беше пречекан од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Турнејата низ Западен Балкан, Кошта ја започна вчера во Сараево. По Скопје, тој утре ќе ја посети Приштина, а задутре Белград. Турнејата ќе ја заврши во Црна Гора, каде што на 5 јуни ќе биде копретседавач на Самитот ЕУ – Западен Балкан, чија главна тема е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
