„Како што кажав и пред една година. Она што е договорено, е договорено. И треба да се испорача она што е договорено и ништо повеќе од она што е договорено. Тоа значи дека она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа“, рече тој на заедничката прес-конференција со Мицкоски
На новинарско прашање да каже дали Европскиот совет може да усвои заклучоци што би претставувале гаранции за Македонија, Кошта не даде директен одговор и истакна дека таква можност би можела да се разгледува откако земјата ќе ги исполни преземените обврски
Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на Северна Македонија цврсто припаѓа во Европската Унија, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на почетокот на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.

Кошта ја поздрави посветеноста на македонската Влада и нагласи дека земјата бележи напредок во спроведувањето на реформската агенда.
„Вашата влада покажа посветеност и сакам да ги пофалам континуираните напори што ги вложувате. Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда, кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето. Исто така, го поздравувам вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија“,
рече тој.
Според него, тоа претставува силен сигнал за стратегиската ориентација на државата и за заедничките вредности што ги споделува со Унијата.
Сепак, Кошта нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува клучен услов за формален почеток на пристапните преговори.
„Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците“,
кажа претседателот на Европскиот совет.
Европската Унија, како што рече, е најсигурниот партнер на Западен Балкан и Северна Македонија. Таа останува најголемиот инвеститор и најважен трговски партнер. Посочи дека остануваат посветени да ја поддржуваат државата и политички и финансиски.
„Но, на крајот моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце. Единствениот начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите и преку преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи“,
рече тој.
На новинарско прашање дали е прифатлив предлогот на Владата да се дадат гаранции за државата во форма на заклучоци на Европскиот совет за билатералните теми во процесот на проширување, Кошта рече дека исто како што кажал и пред една година, важи и сега, односно дека треба да се испорача она што е договорено.
„Како што кажав и пред една година. Она што е договорено, е договорено. И треба да се испорача она што е договорено и ништо повеќе од она што е договорено. Тоа значи дека она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа. Освен тоа, се работи за нормалниот процес на проширување, да се отворат и затворат различни поглавја, различни кластери. И преговорите одат чекор по чекор. Тоа е процес што се заснова на заслуги. Тоа е она што го прават и другите земји кандидати“,
рече Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Сепак, на дополнително новинарско прашање да даде прецизен одговор дали Европскиот совет може да усвои заклучоци што би претставувале гаранции за Македонија, Кошта не даде директен одговор и истакна дека таква можност би можела да се разгледува откако земјата ќе ги исполни преземените обврски.
„Посакувам што е можно порано Европскиот совет да има услови да донесе вакви заклучоци. Но, за ова, зависи од Северна Македонија да го направи тоа што го договорила во 2022 година“,
рече тој.
Кошта за предлогот на Мерц: Ситуацијата на Западен Балкан е различна од таа со Украина
Коментирајќи го предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој повика на иновативни решенија за забрзување на процесот на проширување, ставајќи посебен фокус на Украина, но и на земјите од Западен Балкан и Молдавија, Кошта рече дека очекува тоа да биде предмет на разговор во рамки на Советот на ЕУ.
Посочи оти не е сигурен дека е потребен специјален статус за Украина, затоа што таа многу добро испорачува во делот на реформите.
Според него, Мерц верува оти процесот на пристапување со шесте земји од Западниот Балкан е полесен одошто со Украина, и за тоа предлага специјален статус за Украина. Ова прашање рече дека ќе биде дополнително разгледано во институциите на Европската Унија.
„Ситуацијата на Западен Балкан е навистина различна. За среќа, тие не се во војна. Тие се во многу понапредна и позавидна позиција од Украина. Сметам дека никој не чувствува потреба да создава нови решенија за Западен Балкан оти не мора да премостуваме јаз помеѓу процесот на преговори и целосното полноправно членство во ЕУ. Црна Гора сака да го заврши тоа до крајот на годината. Албанија сака да го затвори процесот на преговори до крајот на 2027 година. А ние сакаме формално да ги отвориме преговорите со Северна Македонија што е можно побрзо. Секако, со другите држави зависи од нивната внатрешна состојба и процесот на преговори, како со Србија“,
рече тој.
Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека Македонија останува цврсто определена кон европскиот пат, но дека не бара привилегии или олеснети правила, туку предвидлив и принципиелен процес во кој реформите и резултатите ќе бидат соодветно вреднувани.
Според него, Владата продолжува со спроведување на реформската агенда и посветено работи на европската интеграција.
На средбата со Кошта, како што рече, се разговарало за европската иднина, состојбите во регионот, реформите, економијата, владеењето на правото и институционалната трансформација.
