Министерот Филипче објасни дека кога Дебар беше ставен во изолација не беа се уште објавени вонредните мерки во земјата
Засега не се размислува за засилување на мерките во Куманово, каде што МВР и инспекторатите се постојано на терен и го контролираат спроведувањето на мерките, изјави денеска министерот за здравство ВЕнко Филипче.
„Се следи внимателно ситуацијата со бројот на заболени во Куманово и ширењето на коронавирусот, но засега нема потреба од дополнителни заострени мерки. Анализите, проценката на контактите на сите новозаболени, како тие контактирале со нивните примарни контакти укажуваат на тоа дека засега мерките не треба да се заоструваат. Ја следиме ситуацијата секојдневно, случаите се анализираат, како и која е релацијата и местото на живеење. На терен интензивно работат епидемиолозите“,
одговори Филипче и додаде дека е можно е да се донесат и нови мерки, но не во овој момент.
Тој објасни дека кога Дебар беше ставен во изолација не беа се уште објавени вонредните мерки во земјата.
Во Куманово досега се регистрирани 62 случаи на заразени со коронавирусот. Во последното деноноќие, во оваа општина се регистрирани осум од вкупно 30 нови случаи.
Локалните власти бараат Владата да прогласи кризна состојба на територијата на целата општината, како и да воведе посебен режим за влез и излез од Куманово. Заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани вчера изјави дека за Куманово ќе се прават стручни проценки дали треба да се воведе карантин.