За Куманово ќе се прави стручна проценка дали да се воведе карантин како во Дебар, рече заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, во неговото вечерашно гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ.
Во Охрид, пак, според неговите најави, новиот објект за хирургија ќе функционира како болница за заразени од коронавирусот.
Тој зборуваше и за Дебар, каде заедно со Центар Жупа, беше воведена кризна состојбата. Според Арслани, сега во Дебар нема новозаболени, а моменталната бројката е 47 лица. Вкупно 30 се во домашна изолација, а девет со завршен период на изолација. На Инфективната клиника се хоспитализирани пет пациенти од Дебар, од десет лица се земени брисови и се чекаат резултати.
„Инциденцата во Дебар е 162,3, во Куманово 32,9, додека во Скопје и во Штип има 28,5 заболени на 100.000 жители“,
рече заменик-министерот правејќи споредба помеѓу градовите каде има најголем број на заболени.
Денеска во земјава беа регистрирани 25 нови случаи со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти се искачи на 354.
Според местото на живеење распространетоста е следна: Скопје – 183 случаи; Куманово – 54; Дебар – 47; Штип – 15; Прилеп – 12; Тетово – 13; Струга – 9; Велес – 6; Битола – 4; Охрид – 3; Кавадарци – 2; Гевгелија – 2 и по еден пациент во Гостивар, Струмица, Крива Паланка и Кочани.