Општинскиот штаб на Куманово, кој е формиран по појавата на коронавирусот, бара Владата да прогласи кризна состојба на територијата на целата општината, како и да воведе посебен режим за влез и излез од градот.
„Бараме од Влада на Република Северна Македонија да прогласи кризна состојба во Општина Куманово и да воведе посебен контролен режим на сите влезови и излези во градот со контролни пунктови, со цел да се примени Акцискиот план на Центарот за управување со кризи и спречување несакано ширење на епидемија надвор и кон градот“,
се вели во денешното соопштение на Кризниот штаб.
Куманово е втор град според бројот на заболени од ковид-19. Со вкупно 54 заразени со коронавирусот до денеска, градот го надмина бројот на заболени и во Дебар.
Според местото на живеење, досега случаи на ковид-19 се регистрирани во:
Скопје – 183
Куманово – 54
Дебар – 47
Штип – 15
Прилеп – 12
Тетово -13
Струга – 9
Велес – 6
Битола – 4
Охрид – 3
Кавадарци – 2
Гостивар – 1
Гевгелија – 2
Струмица- 1
Крива Паланка – 1
Кочани – 1
Со новиот развој на настаните, Куманово дефинитивно станува ново жариште на коронавирусот во земјава, со таа разлика што на териториите на Дебар и на Центар Жупа е прогласена кризна состојба, а во Куманово е забранет јавниот градски и меѓуградски патен и железнички сообраќај. Претходниве денови, локалните власти бараа од Владата да прогласи карантин во општината, но министерот за здравство Венко Филипче кажа дека одредувањето посебни мерки во населените места зависи од проценките на епидемиолозите.
Вчера општинскиот кризен штаб одлучи да се отворат градските зелени пазари за граѓаните да може да се снабдуваат со прехранбени стоки и земјоделски производи, но да се воведе посебен режим на работа и редарска служба.
*поврзана вест(ВИДЕО) Репортажа од Куманово, трет град по број на заразени, градоначалникот бара целосен карантин