Од владејачкиот СДСМ реагираат дека пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, со лаги и злоупотреби ја дефокусира јавноста од, како што велат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму обвинуваат дека Ковачки како поранешен полковник дезертирал од Армијата и одбрал да му служи на Мицкоски.
„Мицкоски молчи 10 дена за сомнителен тендер од 136 милиони евра ама затоа Ковачки штанца невистини. Поранешниот полковник, Ковачки дезертираше од Армијата, армискиот чин го смени за партиски, за да му служи на Христијан Мицкоски како пратеник. Ковачки има дисциплинска, се заканувал на претпоставените во Армијата. Затоа Мицкоски го одбра Ковачки кој треба да каже дали оддавал и воени и тајни и бил шпион против државата? Во ВМРО-ДПНМЕ ништо не се менува. Тоа е криминална партија и со ништо не може да направи дефокус од тоа“,
реагираат од СДСМ.
Реакцијата на СДСМ следува по низата прес-конференции на Ковачки, на кои тој обвинува дека премиерот Димитар Ковачевски, во конфликтната 2001, пред регрутната комисија поднесол документ дека е трајно неспособен, со што избегнал да служи војска. Ковачки и денеска од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ праша зошто не е покрената постапка за утврдување на деловната способност на премиерот.
Премиерот пак, неделава на својот фејсбук профил објави дека ВМРО-ДПМНЕ се служи со лаги и клевети, но посочи и дека се злоупотребува здравствен предизвик и хируршка интервенција пред 20 години.