Во овие дејствија биле вклучени возачи, одговорни лица во фирми, како и царински и други службени лица. Службениците се сомничат за овозможување премин на возилата без царинска контрола, внесување невистинити податоци во електронските системи, уништување царинска документација, незаконско раздолжување на транзитни декларации и ослободување гаранции без преглед на стоката

Обвинител од специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција донесе наредба за спроведување истражна постапка против 19 физички и четири правни лица. Пријавата е поднесена од Царинската управа, а осомничените се товарат за организирано нелегално внесување и транзит на големи количини цигари со што избегнувале плаќање царински давачки, даноци и акцизи.
Според Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), осомничените се товарат за кривичните дела криумчарење, царинска измама и избегнување на плаќање акциза.
Истрагата, додаваат од ОЈО ГОКК, опфаќа повеќе случаи од 2024 година, во кои камиони натоварени со цигари биле пропуштани преку граничните премини без соодветна контрола. Во други случаи, стоката која била пријавена само за транзит низ Северна Македонија била истоварувана во државата, по што празните возила продолжувале кон излезните гранични премини.
Во овие дејствија биле вклучени возачи, одговорни лица во фирми, како и царински и други службени лица. Службениците се сомничат за овозможување премин на возилата без царинска контрола, внесување невистинити податоци во електронските системи, уништување царинска документација, незаконско раздолжување на транзитни декларации и ослободување гаранции без преглед на стоката.
Вкупната материјална штета нанесена на Буџетот на државата се проценува на 250 149 784 денари, што е над 4 милиони евра.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлози за определување мерка притвор за петмина осомничени, куќен притвор за едно лице, мерки на претпазливост за останатите осомничени.
Петмина од осомничените, од кои тројца се странски државјани, во моментов се недостапни за органите на прогонот.
Вчера, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, информира за опсежната акција под кодно име „Филтер“, во чии рамки е разбиена организирана група за шверц на цигари. Рече дека речиси 70 милиони парчиња цигари нелегално биле пуштени во слободен промет во земјава.
