Фокусот, според препораките, треба да биде врз спроведувањето на правото на ЕУ, усогласувањето со европските вредности и принципи, Копенхашките критериуми, преговарачката рамка и принципите на добрососедски односи
Во документот се наведува дека Северна Македонија останува меѓу кандидатите со најдолг кандидатски статус што го има добиено пред повеќе од две децении и во таа насока се повикува Советот да ги отвори преговорите за Кластерот 1 штом ќе бидат исполнети соодветните критериуми
Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Европската Унија и Северна Македонија ја потврди поддршката за членството на земјата во ЕУ.
Во заедничките препораки од 25. состанок на комитетот, одржан на 24 и 25 септември во Скопје, како области во кои се очекуваат резултати се владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, основните права и добрососедските односи.

Комитетот бара напредокот во пристапувањето и понатаму да се оценува според заслугите, односно врз основа на исполнувањето на поставените критериуми.
Во исто време, од земјите членки, Советот и Европската комисија се бара процесот да биде предвидлив и кредибилен.
Во документот се наведува дека Северна Македонија останува меѓу кандидатите со најдолг кандидатски статус што го има добиено пред повеќе од две децении и во таа насока се повикува Советот да ги отвори преговорите за Кластерот 1 штом ќе бидат исполнети соодветните критериуми.
Во препораките истовремено се нотира дека кредибилитетот на процесот зависи од исполнувањето на обврските од двете страни. Оттука, се наведува дека откако Северна Македонија ќе ги исполни договорените критериуми и одредници, ЕУ треба навремено и предвидливо да одговори со соодветен напредок во процесот на пристапување.
Мешовитиот комитет констатира дека културните, јазичните и националните идентитети се суштинска основа на секоја земја, но додава дека различните ставови за овие прашања не треба да влијаат врз пристапниот процес заснован на заслуги.
Фокусот, според препораките, треба да биде врз спроведувањето на правото на ЕУ, усогласувањето со европските вредности и принципи, Копенхашките критериуми, преговарачката рамка и принципите на добрососедски односи.
Во истиот контекст, комитетот ги посочува Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија како договори што треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни.
За билатералните прашања се бараат конструктивен дијалог, почитување на меѓународното право и вклучување на граѓанското општество и експертите. Притоа, се нагласува дека тие прашања не треба да бидат инструментализирани во процесот на пристапување.
Се поздравува напредокот во реформската агенда, реформата на правосудството и јавната администрација, новиот Закон за Судскиот совет, назначувањето на нов народен правобранител и усвојувањето нова Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2026–2030.
Комитетот наведува и дека има стабилни резултати во борбата против корупцијата, вклучително и случаи на високо ниво, со истраги против актуелни и поранешни високи функционери кои резултирале со обвиненија и тековни судски постапки.
Но, позитивните оценки се проследени со барања за понатамошно дејствување. Од Македонија се бара да ја забрза реформата на правосудството, да ја заврши преостанатата работа во кластерот „Основи“ и да спроведе задоцнета сеопфатна изборна реформа, вклучително и преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.
ЕУ ги признава чекорите за поголема транспарентност на сопственоста врз дигиталните медиуми и подготовките за усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите. Во исто време, се бара целосно усогласување со европските правила и ефикасна заштита на новинарите. Комитетот бара и законска заштита од SLAPP-тужби. Се бараат и посилни правила за сајбер-безбедност и транспарентност на онлајн-кампањите за заштита на изборните процеси од странско мешање и манипулација со информации.
Граѓанското општество, пак, е оценето како важен дел од реформскиот процес, при што се поздравува повторното функционирање на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и учеството на граѓанските организации во механизмите за следење на реформите.
Документот ги издвојува и конкретните придобивки од постепеното приближување кон ЕУ. Се поздравува интеграцијата на Македонија во единствената област за плаќања во евра – SEPA – и примената на режимот „роаминг како дома“ во Северна Македонија и Западен Балкан.
Во инфраструктурата се поздравува договорот за изградба на прекуграничен железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, како дел од Коридорот 8, со поддршка од Европската инвестициска банка, ЕБОР и ЕУ.
Но, се додава дека договорените проекти треба навремено и ефикасно да се реализираат на терен.
Се поздравува и очекуваниот договор за железничко поврзување со Грција во рамките на Коридорот 10.
Последната, 40-та препорака, е посветена на животната средина и содржи директно барање: Македонија да го забрза напредокот во законодавството и итно да преземе мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и водата, управувањето со отпадните води и контролата на загадувањето.
ЕУ бара за тоа да има поголеми инвестиции, посилен надзор и транспарентно и инклузивно креирање политики.
Во областа на надворешната политика, комитетот го поздравува континуираното усогласување на Македонија со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, вклучително и со санкциите поврзани со руската агресија врз Украина.
Се поздравува и членството во НАТО и и нејзината подготвеност да ја зајакне соработката со ЕУ во безбедноста и одбраната.
