Коалициските партнери, наводно, уште пред неколку дена постигнале договор за распределба на функциите во вториот ешалон на власта, ама повторно се чека да се комплетира мнозинството во парламентот, односно да се врати на работа пратеничка на ДУИ која се породила пред неколку дена
Во Собранието, според информации оттаму, се чека уште денеска да стигне списокот со заменик-министри во 16 ресори на Владата, кои би биле избрани на седница на почетокот на следната недела.
Според наши информации, коалициските партнери уште пред неколку дена постигнале договор за заменик-министерските места, ама списокот сѐ уште не е доставен во парламентот затоа што повторно се чека да се комплетира мнозинството. Следната недела на работа се очекува да дојде пратеничка на ДУИ која се породила пред неколку ден. Така, за изборот на заменик-министри би биле присутни сите 62 пратеници од мнозинството, со оглед на тоа што за усвојување на оваа точка од дневниот ред се потребни минимум 61 глас. Како можен термин за собраниската седница се посочува вторник.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, минатата недела најави дека опозицијата ќе дејствува институционално, ама нема да му прави кворум на, како што рече, тенкото парламентарно мнозинство.
Според информации од партиски извори, СДСМ овој пат, веројатно, ќе има само тројца претставници во вториот ешалон на власта, односно во финансии, информатичко општество и во земјоделство, каде што сега министрите се од ДУИ и од Беса. Во МИОА, според најавите, се очекува заменик да остане Александар Бајдевски, а во земјоделство на заменик-министерската позиција би ротирал доскорешниот министер во овој ресор, Трајан Димков.

По едно заменик-министерско место се очекува да добијат и другите партии од коалицијата „Можеме“. НСДП, најверојатно, го добива заменичкото место во економија, за каде што се спомнува Зоран Манев, кој би го наследил Кирил Колемишевски (СДСМ). Демократскиот сојуз, наводно, е во игра за заменик-министерското место во локална самоуправа, каде што министер е претседателот на ЛДП, Горан Милевски. На партијата ДОМ, како што се најавува, би ѝ припаднало заменик-министерското место во животна средина, каде што во претходната влада заменик-министер беше Јани Макрадули (СДСМ).
Според неофицијалните информации, наскоро се очекува од пратеничкото место да се повлече потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, за да биде именуван за генерален секретар на Владата.
Манчевски минатата недела беше избран за претседател на собраниската Комисија за економски прашања. Сепак, според најавите, челното место во таа Комисија на крајот би му припаднало на Диме Велков, кој чека влез во парламентот на местото на Манчевски.
ДУИ, пак, би требало да има пет заменици во Владата. Како што беше објавено, оваа партија ги добива заменичките места во Министерството за внатрешни работи, правда, одбрана, здравство и во транспорт и врски.
Замена на функционерски места меѓу старо-новите коалициски партнери се очекува и во третиот ешалон на власта, односно на директорските позиции во одредени државни компании и институции.