Координаторот на опозициската пратеничка група најави институционално дејствување, нагласувајќи дека обврска на парламентарното мнозинство е да обезбеди присуство на најмалку 61 пратеник за Собранието да може да заседава
ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува институционално, ама нема да му дава поддршка на мнозинството за обезбедување кворум за работа на парламентот.
Вака, според старо-новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, ќе дествува опозицијата во Собранието во наредниот период.
Како што рече Мицевски, во гостување во вестите на Сител, обезбедувањето на кворум за работа (најмалку 61 пратеник) е обврска на парламентарното мнозинство, кое моментно брои 62 пратеници.
Новата Влада на СДСМ и на ДУИ, како што посочи Мицевски, има многу тенко мнозинство, како што можеше да се забележи на сите седници што се одржаа досега.
„Ние како опозиција ќе бидеме присутни, ќе дејствуваме во рамки на парламентот, институционално, но во никој случај да не се потпираат на обезбедување кворум и да не ја обвинуваат опозицијата за нефункционирањето на институциите“,
рече Мицевски, оценувајќи дека мнозинството од 62 пратеници е многу мало за одржување на редовното функционирање на законодавниот дом.
Тој посочи дека таков случај имало и денес во парламентот.
„Не присуствувавме на почетокот на пленарната седница за да им испратиме порака дека треба да си ги соберат пратениците, 62 на број, колку што е моментално владејачкото мнозинство. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше присутна во Собранието, со цел да испратиме порака дека институционално ќе работиме, меѓутоа нема да даваме поддршка во обезбедување на кворумот“,
нагласи Мицевски.