Официјалните, првични информации од Министерството за внатрешни работи (МВР), велат дека акцијата се спроведува по добиени оперативни информации и обезбедена наредба од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје
Полициски службеници од денеска претпладне спроведуваат акција во фабриката за производство на челик „Макстил“ поради сомнежи за кривични дела од областа на еколошкиот криминал.

Дека станува збор за фабриката „Макстил“ објавија дел од медиумите повикувајќи се на извори од истрагата, за која официјални детали засега не се соопштуваат.
Официјалните, првични информации од Министерството за внатрешни работи (МВР), велат дека акцијата се спроведува по добиени оперативни информации и обезбедена наредба од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Акцијата ја спроведуваат службеници од Единицата за економски криминал и корупција при Секторот за внатрешни работи Скопје, кои, според МВР, вршат контрола и преглед на примероци од почвата и одредени суровини.
„Полициски службеници од Единицата за економски криминал и корупција при СВР Скопје по добиени оперативни информации и обезбедена наредба од јавен обвинител од ОЈО Скопје вршат контрола и преглед на примероци од почвата и одредени суровини за проверка на сомнение за евентуално сторени кривични дела од областа на еколошкиот криминал“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму наведуваат дека детали за акцијата ќе бидат објавени по целосното завршување на активностите на терен.
