На прес-конференцијата од партиското седиште, членот на Извршниот одбор на опозициската партија, Јон Фрчкоски, праша дали се повикани на распит гувернерот Славески и премиерот Христијан Мицкоски, кои ги обвинуваат дека ја донеле, како што ја нарекуваат, „пералницата на пари на Вучиќ во Македонија“
Од опозициската партија изразија сомнеж за најавите за продажба на банката преку аукција, оценувајќи дека доколку нема заинтересирани купувачи, цената вештачки ќе паѓа сè додека банката не се продаде под реалната вредност
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го прозва државниот јавен обвинител Ненад Савески за, како што наведуваат од партијата, молкот околу случувањата со Алта банка во земјава, како и за отсуството на реакција една недела откако партијата поднесе кривична пријава против гувернерот на Народната банка Трајко Славески и други одговорни лица.

„Поминаа 20 дена откако пукна скандалот со Алта банка во Македонија. Помина и цела недела откако СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други одговорни лица. А од јавниот обвинител Ненад Савески – молк“,
изјави на прес-конференција членот на Извршниот одбор на партијата Јон Фрчкоски.
Од партијата посочуваат дека граѓаните не можат да дојдат до своите пари, пензионерите не можат да ги подигнат пензиите, а банкарскиот систем е загрозен, додека јавноста нема информација дали Обвинителството воопшто отворило истрага.
На прес-конференцијата од партиското седиште, Фрчкоски праша дали се повикани на распит гувернерот Славески и премиерот Христијан Мицкоски, кои ги обвинуваат дека ја донеле, како што ја нарекуваат, „пералницата на пари на Вучиќ во Македонија“, како и дали се обезбедени документите за дадената согласност и проверени трансакциите и сметките.
Како контраст на состојбата во земјава, од СДСМ ги наведуваат постапките на надлежните органи во Србија, каде, според нивните наводи, веќе се води истрага за речиси 400 милиони евра.
„Во Србија на големо се постапува. Отворена е истрага. На банката ѝ е одземена дозволата и таа е во стечај. Сопственикот Мацура е уапсен, се истражуваат речиси 400 милиони евра. Од вчера се блокирани и сметките на неговата ‘Алта груп’, а ‘Алта лизинг’ остана без дозвола за работа. Само во Македонија сè уште чекаме и ништо не се презема“,
рече Фрчкоски.
Во однос на тековните чекори на домашните институции, тој од името на опозициската партија изрази сомнеж за најавите за брза продажба на банката преку аукција. Од партијата оценуваат дека доколку нема заинтересирани купувачи, цената вештачки ќе паѓа сè додека банката не се продаде под реалната вредност, поставувајќи прашање дали на тој начин се прави обид да се обезвредни банката и да се прикријат сметките и трансакциите.
„Кој ќе купи банка во ваква состојба? Што ако од српска страна се оспори продажната цена и се поднесе тужба? Повторно сметката македонските граѓани ќе ја плаќаат“,
рече членот на ИО на СДСМ.
На крајот од обраќањето, тој го повика обвинителот Савески да постапи независно и согласно законот, посочувајќи дека секое одложување дава можност да се уништат докази и записи за трансакции.
„Ако Мицкоски му врши притисок, по телефон или на кој било друг начин, Савески нека го каже тоа јавно и нека го одбие. Времето одминува, доколку Савески не постапи ќе стане соучесник, тоа мора да му биде јасно“,
порачуваат од СДСМ.
Што кажаа Савески и новата шефица на ОЈО ГОКК за Алта банка
Државниот јавен обвинител, Ненад Савески, во понеделникот (16 ноември), одговарајќи на новинарско прашање дали се постапува по кривичните пријави за случајот со Алта банка, поднесени и од гувернерот Трајко Славески и од СДСМ, рече дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите кривичноправни аспекти кога предметот ќе дојде во фаза во која ќе може да се споделуваат информации.
„Сега засега не можеме да зборуваме. Нè ограничува законот“,
кажа Савески.
Новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, емитувано истиот ден обзнани дека Обвинителството врши прелиминарни проверки на индиции за финансиски текови поврзани со Алта банка. Таа појасни дека проверките се во многу рана фаза, без да открие за какви текови станува збор, но на прашањето дали е оформен предмет за одлуката со која Народната банка ѝ овозможи на Алта банка АД Белград да ја преземе тогашната Стопанска банка АД Битола, одговори дека за тоа не се води предистрага.
Првата аукција за продажба на Алта банка АД Битола на 30 ноември
Во понеделникот Народната банка, пак, соопшти дека ја објавила постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет на „Алта банка“ АД Битола – вкупно 372 742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции што се во сопственост на белградската Алта банка, која е во стечај.
Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза по моделот „сè или ништо“. Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември со почетна цена од 3 777 денари по акција.
Како што информираа од централната банка, доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните аукции ќе се одржуваат последователно, на 1, 2, 3, 4 и 7 декември 2026 година. На секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 проценти во однос на почетната цена на претходната аукција. Наведувајќи дека целта на постапката е изнаоѓање нов сопственик, стабилно работење на банката и заштита на интересите на штедачите и клиентите, од Народната банка посочија дека заинтересираните инвеститори треба најдоцна до денеска (19 ноември) да достават барање до централната банка за претходна согласност за стекнување квалификувано учество и писмена изјава дека ќе ги уплатат потребните средства.
Инаку, Народната банка воведе привремена администрација и го презеде управувањето со Алта банка АД Битола на 2 ноември, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа и отвори стечајна постапка за нејзиниот доминантен сопственик – Алта банка АД Белград.
