Повикот го упати градоначалникот Сашко Митовски, кој ги повика жителите од градот и околните села да се приклучат и заеднички да побараат од надлежните институции да ги спроведат донесените решенија и да го стават добитокот под контрола
Паралелно со најавата за протест, Општината поднесе кривични пријави до надлежното обвинителство за непостапување по извршните решенија за одземање на добитокот. Пријавите се однесуваат на службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот
Жителите на Крива Паланка в сабота ќе излезат на мирен протест поради неспроведувањето на решенијата за одземање на добитокот, кој и натаму се движи неконтролирано низ градот, навлегува во нивите и предизвикува проблеми за локалното население.

Протестот ќе се одржи на 21 ноември, со почеток во 11 часот, на клучката кај мотелот „Македонија“.
Повикот го упати градоначалникот Сашко Митовски, кој ги повика жителите од градот и околните села да се приклучат и заеднички да побараат од надлежните институции да ги спроведат донесените решенија и да го стават добитокот под контрола.
„Мирно и достоинствено, заедно да побараме да се спроведат решенијата и да се стават стадата под контрола. Ова не е партиска битка, ова е битка за достоинството и безбедноста на сите наши сограѓани. Да застанеме сите заедно и да ставиме крај на оваа голгота и понижувања, на кои ни се смее светот“,
порача Митовски.
Посочи дека и покрај досегашните барања до институциите, сè уште нема конкретен план и рок за постапување. Како пример за проблемот го наведе и последниот случај кога добиток бил забележан во дворот на средното училиште во Крива Паланка.
Паралелно со најавата за протест, Општината поднесе кривични пријави до надлежното обвинителство за непостапување по извршните решенија за одземање на добитокот. Пријавите се однесуваат на службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот.
Општината бара да се утврди кој бил надлежен за спроведување на решенијата, дали имало злоупотреба на службената положба и дали со непостапувањето на институциите биле загрозени здравјето и безбедноста на граѓаните.
„Трпението на граѓаните е при крај. На седницата на Општинскиот кризен штаб побаравме конкретен план и рок за решавање на проблемот, но сè уште немаме информација кога Агенцијата ќе почне да ги спроведува сопствените решенија. Побарав и да ми се дадат потребните надлежности за да можам како градоначалник да преземам одговорност за решавање на проблемот, но и на тоа барање досега немам одговор“,
изјави Митовски.
Покрај кривичните пријави, Општината поднесува претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), од која бара да испита дали во случајот има елементи на корупција.
До Државниот управен инспекторат, пак, доставува барање за вонреден инспекциски надзор, со цел да се утврди што е преземено по донесувањето на решенијата, каде запрела постапката и кој е одговорен за евентуалните пропусти.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) досега заловила 96 грла крупен добиток во Крива Паланка, но екипите на институцијата на терен се соочуваат со сериозни пречки – од непристапен терен до директни опструкции од поранешните сопственици на добитокот.
Додека институциите бараат решение на терен, проблемот со кравите што со години слободно талкаат низ улиците и приватните имоти во градот стана повод за меѓусебни обвинувања помеѓу градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, и локалниот огранок на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
