Протестот, како што велат организаторите, е поттикнат од гневот и загриженоста поради сеприсутното насилство врз жените, но и од последниот случај што го потресе Охрид

В сабота од 12 до 14 часот на плоштадот во Охрид ќе се одржи мирен граѓански протест против фемицидот, родово базираното и семејно насилство и институционалното непостапување.
Протестот, како што велат организаторите, е поттикнат од гневот и загриженоста поради сеприсутното насилство врз жените, но и од последниот случај што го потресе Охрид.
„Овој случај не потсети дека насилството не се случува само некаде таму, туку блиску до нас, можеби и меѓу луѓето што ги познаваме“,
се вели во објавата споделена на Инстаграм.
Организаторите велат дека протестот од плоштадот „Св. Климент Охридски“ ќе продолжи низ охридската чаршија, до СВР Охрид, по булеварот „Македонски просветители“ и ќе заврши пред Основниот суд Охрид.
„Преку глава ни е од молк, оправдувања и институции што не реагираат навреме. Доста е! Охрид нема да молчит!“,
се вели во објавата.
Протестот доаѓа по случајот со 26-годишната охриѓанска Сара кој беше претепана од нејзиниот партнер, а од силината на ударите таа изгубила свест и паднала, по што била хоспитализирана со тешки телесни повреди.
По овој случај, во вториникот исто така имаше протест пред зградата на охридската полиција, а кој беше организиран од Форумот на жени на СДСМ и покрај барањата на семејството на девојката случајот да не се политизира.
Од Форумот порачаа дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат. Оттаму повикаа и на одговорност и институционална реакција.
На барање на Обвинителството, Основниот суд во Охрид му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот охриѓанец К.К. против кого е поднесено обвинение за нападот врз својата 26-годишната партнерка.
