СДСМ и Коста Петров имаат незрел однос кон најважните прашања во државата. Никој од ВМРО-ДПМНЕ не спомена брзи избори, а тие продолжуваат лажно да си ги толкуваат работите како што им одговара, реагираат од опозицијата откако од владејачката партија излегоа со став дека не се за лидерска средба на која ќе се разговара за избори.
„Од една страна брифираат датуми за избори, покренуваат полутајни иницијативи за свикување на Собрание, грчевито се борат за фотелјата на Заев, а од друга страна во јавност велат дека се загрижени за здравјето на граѓаните. За ВМРО-ДПМНЕ приоритет не се изборите туку здравјето на граѓаните и економијата. Заев е тој кој што борбата за фотелја ја става пред здравјето на граѓаните. Апелираме на разумно и зрело однесување. Одбивањето на свикување лидерска средба значи незрел однос на СДСМ и недораснатост да се дискутира за најважните прашања во државата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Барањето за лидерска средба, Христијан Мицкоски, го испрати синоќа при неговото гостување во емисијата „360 степени“. Тој рече дека пред завршувањето на првите 30 дена од вонредната состојба било договорено да има лидерска средба и да се слушне потребата од следни 30 дена и побара од шефот на државата да свика нова лидерска за да се најде начин за излез од, како што вели, кризната состојба во која се наоѓа државава.
Денеска, од СДСМ, пак, одговорија дека не е време да се разговара за избори.
„Апсолутно не е време да се разговара за избори, има време за избори, ќе разговараме за тоа кога ќе дојде време. Наш главен фокус останува здравјето на нашите граѓани и економските мерки чија цел е да зачуваме што повеќе работни места, да им помогнеме на што повеќе граѓани и заеднички да ја пребродиме оваа криза“,
одговори Петров на новинарското прашање дали по повикот на Христијан Мицкоски, за СДСМ е прифатлива лидерска за терминот за реализација на изборите и кој датум за социјалдемократите е прифатлив.
*Поврзани вести:
Кабинет на Пендаровски: Лидерска ќе има во првата половина на мај, ќе се разговара и за изборите
ДУИ: Сите следни одлуки да се носат консензулано, без разлика дали на лидерска или преку видео-врска