Претседателот Стево Пендаровски планира да повика лидерска средба во првата половина на мај, велат од неговиот кабинет откако вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата „360 степени“ побара да се организира уште една таква средба.
„Во врска со иницијативите искажани во јавноста за повторно одржување на лидерска средба на претставниците на парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи, претседателот Пендаровски планира да организира таква средба во првата половина на следниот месец. Во овој период сите напори и државни ресурси треба да бидат насочени кон справување со пандемијата на коронавирусот. На средбата во мај ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, како и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори“,
велат од кабинетот на Пендаровски.
Мицкоски синоќа во емисијата „360 степени“ ја коментираше вонредната состојба која по втор пат беше прогласена од страна на претседателот Пендаровски.
„Во првиот случај ги разбирав оние 30 дена. Владата имаше доволно време да направи антикризни мерки, економски, вакви, такви, онакви мерки и сето тоа ми беше од одреден аспект јасно. Но, мене не ми се јасни вториве 30 дена, не ми се јасни, ако има следни денови, затоа што мислам дека 30 дена се сосема доволно“,
вели Мицкоски.
Мицкоски вели дека пред завршувањето на првите 30 дена било договорено да има лидерска средба и да се слушне потребата од следни 30 дена. Тој побара од шефот на државата да свика нова лидерска средба за да се најде начин за излез од, како што вели, кризната состојба во која се наоѓа државава.
Поврзани вести:
СДСМ: Апсолутно не е време за лидерска за да се разговара за изборите
ДУИ: Сите следни одлуки да се носат консензулано, без разлика дали на лидерска или преку видео-врска