Откако синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, Демократската унија за интеграции (ДУИ) порачува дека како и досега и во иднина важните одлуки во државата треба да се носат со консензус, без разлика дали тој ќе се постигне на лидерска средба или на друг начин.
„ДУИ останува на ставот дека сите позначајни одлуки треба да се донесат консензуално, со што е можно поширока поддршка. Формата за постигнување на консензуалноста е помалку значајна од содржината и почитувањето на договореното. Датумите за формирање техничка влада, распуштање на Собранието, предвремени избори, па и одложувањето на тие избори, беа донесени консензуално и беа поддржани од сите. Сите чинители сега треба повторно консензуално да се договорат за следните чекори, било тоа да е телефонски, преку видео-врска или во друга форма“,
велат од ДУИ за „360 степени“.
Мицкоски синоќа во емисијата „360 степени“ ја коментираше вонредната состојба која по втор пат беше прогласена од страна на претседателот Пендаровски.
„Во првиот случај ги разбирав оние 30 дена. Владата имаше доволно време да направи антикризни мерки, економски, вакви, такви, онакви мерки и сето тоа ми беше од одреден аспект јасно. Но, мене не ми се јасни вториве 30 дена, не ми се јасни, ако има следни денови, затоа што мислам дека 30 дена се сосема доволно“,
вели Мицкоски.
Мицкоски вели дека пред завршувањето на првите 30 дена било договорено да има лидерска средба и да се слушне потребата од следни 30 дена. Тој побара од шефот на државата да свика нова лидерска средба за да се најде начин за излез од, како што вели, кризната состојба во која се наоѓа државава.
Поврзани вести:
Кабинет на Пендаровски: Лидерска ќе има во првата половина на мај, ќе се разговара и за изборите
СДСМ: Апсолутно не е време за лидерска за да се разговара за изборите