Сите вакцини што ги имаме тука и кои ќе дојдат допрва се целосно безбедни, вели министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање како ќе го натера населението да се вакцинира, особено по информациите што ја доведоа под сомнеж безбедноста на вакцината на „Астра Зенека“, кои кај нас ќе стигнат преку Ковакс и можно е со нив да започне масовната имунизација.
„Тоа што се создаде сомнеж за безбедноста на ‘Астра Зенека’, за компликации, несакани ефекти, поради што некои национални агенции ја запреа вакцинацијата, вчера дефинитивно го демантира ЕМА, отфрлајќи причинско-последилна поврзаност на ваквите состојби и вакцината“,
рече Филипче.
На прашањето дали масовната имунизација кај нас ќе почне со вакцините на „Астра Зенека“, тој не сакаше да шпекулира и истакна дека ако не пристигнат кинеските тогаш ќе бидат оние што ќе ги добиеме преку механизмот Ковакс.
За тоа до каде е набавката на вакцините од „Фајзер“, Филипче призна дека процедурата се оддолжи, поради, како што рече, дополнителни услови што ги поставуваат од компанијата. Последниот пристигнал пред неколку дена и се однесува на одговорноста при евентуални несакани ефекти од вакцината.
„На 30 декември имавме комуникација, кога ни потврдија дека ги исполнуваме условите за да потпишеме договор и оттогаш траат тие разговори. Имаат специфични барања за усогласување на условите за да се внесе вакцината тука, сега имаат и дополнителни барања. Ние го потпишавме договор и го вративме. Сега има некое дополнително барање од пред три дена, за одговорноста при евентуални несакани ефекти, има некои специфични барања и чекаме повратна информација“,
рече Филипче.