Според директорот на Клиниката за пулмологија, стравувањата за можни реакции при примање на вакцините треба да се ограничат само на оние кои во минатото имале тешки алергии
Од почетокот внимаваме се да е законски и регуларно во набавката на вакцините против ковид-19, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашната „Топ-тема“ на Телма, отфрлајќи ги повторно обвинувањата за незаконско постапувањ со кинеските вакцини.
„Какви провизии, кога се вратила уплатата. Тоа е доказ дека обвинувањата не се точни. Не стравуваме од ништо. Ние сме апсолутно отворени и за соработка со Антикорупциската комисија. Нема ништо сомнително во нашата работа, само искрени обиди да стигнеме до други вакцини“,
– изјави Филипче.
Тој потврди дека во нашата земја треба да пристигнат околу 800 илјади дози преку системот Ковакс. Исто толку треба да стигнат од „Фајзер“, а од Кина се очекуваат 200 000 дози од вакцината на Синофарм. Има, како што вели, и најави за 200 000 вакцини од Фондот на солидарност на ЕУ – односно вкупно над 2 милиони дози за нашите граѓани.
Филипче истакна и дека, покрај набавката, државата морала да развие и систем за постепена апликација на вакцините.
Коментирајќи ја изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека во разговорите со „Фајзер“ било кажано дека тие не се интересираат за обезбедување вакцини на држави со помалку од 2 милиони жители, Филипче рече дека веројатно направил лапсус, затоа што нашите претставници добиле таков коментарод компанијата „Модерна“.
Филипче рече дека земјите во кои побргу се одвива имунизацијата учествувале и во клиничките студии на одредени вакцини.
Директорот на клиниката за пулмологија, Дејан Докиќ, кој му беше соговорник на Филипче во „Топ тема“, појасни дека стравувањата за можни алергиски реакции при примање на вакцините треба да се ограничат само на луѓе кои во минатото имале тешки алергии кои довеле до т.н анафилактички шок, при што морало да биде аплициран адреналин.
„Оние што имаат обични алергии, на полен или на некоја храна, да не се секираат, тие се безбедни. Само оние што имаат или имале во историјата на болеста податок дека имале анафилактички шок или реакција која завршила со примена на адреналин или наепинефрин, не треба да се вакцинираат”,
рече Филипче.