Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека вакцините против ковид-19 што треба да пристигнат во земјава ќе бидат безбедни. Тој на денешната прес-конференција зборуваше и околу дилемите што се отворија околу вакцината на производителот „Астра Зенека“, за што рече дека ќе се чекаат официјалните препораки на Европската медицинска агенција.
„Сите експерти од нашиот тим ги следат сите несакани ефекти од вакцината на ‘Астра Зенека’ и одлуките на националните агенции за лекови, а ќе се водиме од официјалните одлуки и на Европската медицинска агенција и на производителот“,
рече Филипче и додаде дека земјава ќе ги следи и препораките на домашниот Комитет за имунизација кој го следите целиот процес околу вакцините.
Филипче рече дека до крајот на овој месец или почетокот на следниот се очекува да пристигнат и првата пратка вакцини од околу 100 илјади дози преку механизмот Ковакс.
На прашањето зошто толку се одолговлекува договорот со „Фајзер“, тој тврди дека испораката доцни кај сите земји во светот бидејќи компанијата го подигнува степенот на безбедност и бара дополнителни документи.
„Компанијата ‘Фајзер’ го подига нивото на внимателност во однос на сите земји со кои преговара и бараат построги критериуми, посебно во делот на безбедноста. Ние денеска од нив треба да го добиеме тој документ во однос на тоа што точно ќе бараат. Но, овие мерки важат буквално за сите земји од светот и веројатно тоа е причината зошто толку се чека на деталите за овој договор“,
рече Филипче.