Дали Исланд одново ќе ги придвижи преговорите за пристапување кон Европската Унија? Тоа е прашањето за кое денеска одлучуваат исландските гласачи. Една од главните точки на спорење е рибарството, односно задржувањето на контролата врз риболовните подрачја. Исланд уште во 2009 година поднесе барање за членство во Унијата, но четири години подоцна тогашната евроскептична влада ги прекина преговорите

На Исланд гласно се објавува повикот за изразување на волјата на народот. Гласањето на референдумот започна во девет часот, на пријатни десет степени, а ќе заврши во 22 часот по локално време, на полноќ по наше.
Островската нација од околу 400 илјади жители, сместена малку појужно од Арктичкиот круг, одлучува дали ќе ги продолжи преговорите за пристапување кон Европската Унија. Значи, дали ќе се обнови процесот замрзнат пред 13 години.
„Прилично добро ги пребродивме сите работи, било да е збор за ерупции или за колапс на економијата, и земјата е во многу добра состојба. Останувајќи независни какви што сме, со оптимизам гледаме кон иднината“,
вели жителка на Исланд.
„Мислам дека ова и тоа како ќе влијае врз мојот живот, одлуката за тоа дали ќе ѝ се приклучиме на Европската Унија или не. Јас само сакам да имам право на глас за тоа. Заокружив ‘да’ бидејќи не сакам таа можност лекоумно да ја отфрлам без претходно да го видиме договорот за пристапување“,
рече жител на Исланд.
Геополитиката го менува ставот на Исланѓаните кон ЕУ
Разбирливо е зошто многумина Исланѓани не брзаат во економски и политички сојузи или сакаат да бидат претпазливи.
Исланд е една од најпродуктивните економии во светот. Според БДП по жител, на пример, е четирипати посилна од Хрватска. Има доселеници од Европската Унија кои сведочат од сопствено искуство.
„Јас сум имигрантка, веќе еднаш гласав за приклучување кон Европската Унија и исто така заокружив ‘за’. Мојата татковина, Полска, е во Европската Унија и знам дека сега е подобро отколку што беше пред влезот, па се надевам дека ќе биде добро и за Исланд“,
вели имигрантка од Полска.
Исланд отсекогаш бил мнозински ненаклонет кон европското пристапување. Но, доста работи се променија.
Војните се далеку, но економските ефекти сепак се преливаат. Потоа, глобалната битка за Арктикот и ледените мориња, како и неочекуваниот и остар настап на Доналд Трамп кон огромниот леден сосед Гренланд го омекна изолационистичкиот сентимент на Исланѓаните.
Тензии пред референдумот
Овој референдум, кој според сите истражувања би требало да донесе тесен резултат, зачудувачки доведе и до несвојствени закани за високи државни функционери.
Министерката за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир, која се залага за влез во ЕУ, добила заканувачки пораки што се предмет на истрага.
„Тоа, секако, е неприфатливо во демократско, добро и убаво општество како Исланд. Се разбира дека имам голема доверба во нашето општество, но на таа пријава се работи. Се чини дека постојат добростоечки центри на моќ што вложуваат многу труд во ширење на она што го сметам за контрадикторни и потполно лажни информации за да ги исплашат луѓето и да ги одвратат од гласање ‘за’,
изјави премиерката Криструн Фростадотир.
Од економски колапс до една од најразвиените земји
Високоразвиена земја според сите показатели, Исланд може да му се заблагодари за своето богатство првенствено на рибарството, но во последно време и на туризмот и услугите.
Исто така, клучни се и природните ресурси – изобилството од хидроенергија и геотермалната енергија што ја напојуваат индустријата.
Исланд пред 18 години доживеа економски колапс кога домашната валута, круната, изгуби повеќе од половина од својата вредност за само една недела, а сите три најголеми банки банкротираа.
Државата ги остави тие банки да пропаднат и земјата се опорави изненадувачки брзо. За осум години се вратија на нивоата од пред кризата.
