Од спасените, петмина биле извлечени со хеликоптер. Двајца од нив се во добра здравствена состојба и по укажаната прва помош биле пуштени на домашно лекување. Други две лица се хоспитализирани. Едно лице веројатно поминало без повреди. Загинатиот човек, кој првично бил извлечен во бессознание, бил пренесен во болница каде што била потврдена неговата смрт

Едно лице загина, а двајца се повредени во силното невреме што го зафати југоисточниот дел на Кипар. Безживотното тело на маж било извлечено за време на спасувачката акција откако поради силното невреме три чамци се насукале на карпи. При акцијата спасени се пет лица, од кои двајца се повредени.
Спасувачката акција се одвивала во Каво Греко, познатиот ’рт на југоисточниот брег на Кипар. Во неа учествувале два хеликоптера и спасувачки единици од полицијата и противпожарната служба.
Од спасените, петмина биле извлечени со хеликоптер. Двајца од нив се во добра здравствена состојба и по укажаната прва помош биле пуштени на домашно лекување. Други две лица се хоспитализирани. Едно лице веројатно поминало без повреди. Загинатиот човек, кој првично бил извлечен во бессознание, бил пренесен во болница каде што била потврдена неговата смрт.
Невремето што зафати делови од Кипар беше пропратено со силен ветер, дожд и град. Тоа создаде проблеми во снабдувањето со електрична енергија, во патниот и авиосообраќајот.
Од удар на гром беше повреден 45-годишен маж од Шри Ланка, кој со изгореници бил пренесен во болница и е во добра здравствена состојба.
Противпожарната служба, поради невремето, до 18 часот примила вкупно 357 повици за помош од кои мнозинството биле од поширокиот регион на Никозија, а се однесувале на спречување пожари, несреќи, спасување животи, испумпување вода од објекти, отстранување предмети и заштита на имотот.
Најсериозен бил случајот со дете заглавено под тенда на тераса од стан на четврти кат од зграда, кое било успешно спасено од спасувачките екипи, без повреди.
Поради невремето, вкупно 11 летови биле пренасочени, а проблеми и доцнења имало и во полетувањата од двата кипарски аеродроми.
Преку официјалниот систем на цивилната заштита за предупредување на населението, до граѓаните низ целата земја беше испратена порака со која беа информирани за невремето и зголемената опасност од поплави.
