Министерот за здравство се воздржа од коментар и за наводите на опозицијата дека вицепремиерот Николовски е на одмор во Дубаи, само рече дека не е загрозена работата на Владата во делот на кризното менаџирање
Министерот за здравство Венко Филипче нема коментар за тоа што поранешниот генерален секретар на Владата, сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма, Драги Рашковски заминал на одмор во Мексико ниту за обвинувањата од опозицијата, која тврди дека вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски е на одмор во Дубаи.
Тој рече дека нема да коментира лични одлуки и дека владините функционери нема да треба да одат во 14-дневен карантин откако ќе се вратат од нивните одмори затоа што не се во Африка.
„Карантин од 14 дена е препорака за луѓе што патуваат на африканскиот континент, а причина за тоа е евентуална трансмисија на т. н. јужноафрикански сој, кој многу брзо се пренесува и сè уште не се знае ефектот на вакцините на овој сој на вирусот. Во однос на другиот дел од прашањето, не би сакал да коментирам индивидуални одлуки“,
порача денеска министерот за здравство Филипче.
На дополнително прашање за тоа дали патувањата на владините функционери ги поткопуваат пораките што ги испраќа Владата до граѓаните дека треба да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19 и да се откажат сите патувања што не се неопходни, Филипче рече:
„Не е загрозена работата на Владата во делот на кризното менаџирање, така што навистина не би сакал да ги коментирам тие одлуки за патување“,
рече Филипче.
Инаку, Рашковски, кој деновиве е во фокус на јавноста по серијата прилози на „360 степени“ за набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци што никој не го користи, во изјава за „Фокус“ вчера потврди дека е во Мексико и рече дека е на одмор со семејството.
„Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14 и таму ќе бидеме до 31 овој месец. Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува“,
порача Рашковски.
„360 степени“ пред една недела ја објави првата сторија поврзана со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во вредност од 81 000 евра, кој Рашковски како генерален секретар на Владата го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба. Подоцна, „360 степени“ откри дека Рашковски во 2018 година патентирал „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“.
Во периодот кога според договорот меѓу Генералниот секретаријат и „Инвока гроуп“ (потпишан на 6 февруари 2020 година) сѐ уште се изработувал нарачаниот софтвер, Рашковски добил меѓународно признание за својот изум со слично име. Во третата од низата стории на оваа тема објавени се нови спорни околности околу овој случај.
Додека Рашковски отфрли поврзаност меѓу неговата патентирана идеја и софтверот што го купил како генерален секретар на Владата, од Национална асоцијација на пронаоѓачи на Македонија вчера испратија порака: „Ако Рашковски ѝ укажал чест на нашата држава својот производ да го пласира тука, треба да го поддржиме, а не да го плукаме.“