На прашањето како ги толкува мерките што се преземаат во земјите во регионот и во повеќе европски земји, од поголеми рестрикции до карантин, Караџовски рече дека засега такво нешто не е потребно тука
Тоа што нѐ нема во медиумите често, не значи дека не работиме. Ние одиме на работа и редовно ја следиме ситуацијата и тука и во околните земји, во Европа и во светот, рече денеска членот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, кој денеска по подолго време одговараше на новинарски прашања.
„Причините зошто не се појавувам често на медиумите е дека не сакам да станам како турска серија и да избегнеме постојано да се поставуваат исти прашања со исти одговори. Јас секогаш кога има потреба, како што денеска ме повика министерот за здравство, можам да доаѓам на прес-конференции“,
рече Караџовски.
На прашањето како ги толкува мерките што се преземаат во земјите во регионот и во повеќе европски земји, од поголеми рестрикции до карантин, Караџовски рече дека засега такво нешто не е потребно тука.
„Ние ја следиме состојбата на дневна основа, во однос на бројот на заразени, состојбата во болниците, расположивиот медицински кадар… Состојбата сега не е иста како во ноемеври лани, кога имавме 1 450 заразени дневно, немавме ни 600 болнички кревети ни медицински персонал на располагање како сега, тогаш правевме максимум 3 500 теста, сега 4 000… Јас имам во главата и сценарио А, Б и Ц, но тоа засега не е потребно“,
рече Караџовски.
Тој објасни дека се прават анализи во период од 14 дена, кои му ги даваат како препорака на министерот за она што се случило претходната недела. Односно, врз основа на она што било претходно, рече дека анализираат што може да се очекува во иднина. Затоа, во понеделник на неделно ниво ќе се знае што се случило оваа недела.
Дали ќе се менуваат мерките, Караџовски рече дека ќе зависи и од тоа дали британскиот или некој друг сој ќе ја промени клиничката слика.
„Имам предвид нови мерки, но сега не е време за нив“,
рече тој.