Тој во притвор во затворот „Скопје” во Шуто Оризари заврши на 9 април како осомничен во истрага што ја отвори Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата за злоупотреба на службената положба и овластувања
Кривичниот суд Скопје му одреди нови 30 дена притвор на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири.
Тој во притвор во затворот „Скопје” во Шуто Оризари заврши на 9 април како осомничен во истрага што ја отвори Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Кривичниот суд на 5 мај донесе одлука за продолжување на мерката притвор за нови 30 дена за поранешниот генерален секретар на Владата, Зеќири. Тој е е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластувања. Првата мерка притвор од 30 дена му беше изречена на 9 април. За ова одлука беше поднесена жалба, но таа беше одбиена.
Апелацискиот суд на 31 мај ја одби жалбата на Зеќири со која тој побара да биде пуштен да се брани од слобода и го потврди првостепеното решение за притвор.
Од судот појаснуваат дека гаранцијата што ја понудил Зеќири воопшто не била разгледувана бидејќи покрај опасноста за бегство притворот му е одреден и поради опасност од попречување на истрагата.
Во истрагата со поранешниот генерален секретар на Владата осомничени се и двајца хрватски државјани. Случајот се однесува на злоупотреби во врска со склучување договор за консултантски услуги односно за изработка на физибилити студија за „Пошта на Северна Македонија“.
Обвинителството го сомничи генералниот секретар оти во периодот од април 2021 до јануари 2022 г., без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма кои биле во вкупна вредност од 941 985 евра што е за околу 147 000 евра повеќе од 795 000 евра, износ што бил договорен за консултантските услуги.
Пред една недела Антикорупциска комисија поднесоа иницијатива за поведување кривична постапка до Јавното обвинителство против поранешните генерални секретари во Владата – Драги Рашковски и Мухамед Зеќири – кои според Антикорупциска сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Според претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, законска основа за оформување на овој предмет била објавата во медиумите дека Владата за потребите на Генералниот секретаријат заради извршување специфични ангажмани врз основа на авторски договори ангажирала поголем број физички лица надвор од редот на вработените, при што биле исплаќани хонорари кои само за еден месец изнесувале над 37 000 евра односно над еден милиони евра за 2019 и 2020 година.