Од судот појаснуваат дека гаранцијата што ја понудил Зеќири воопшто не била разгледувана бидејќи покрај опасноста за бегство притворот му е одреден и поради опасност од попречување на истрагата
Поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“ откако Апелацискиот суд на денешното рочиште ја одби жалбата на Зеќири со која тој побара да биде пуштен да се брани од слобода и го потврди првостепеното решение за притвор.
Од судот појаснуваат дека гаранцијата што ја понудил Зеќири воопшто не била разгледувана бидејќи покрај опасноста за бегство притворот му е одреден и поради опасност од попречување на истрагата.
Кривичниот суд на 5 мај донесе одлука продолжување на мерката притвор за нови 30 дена за поранешниот генерален секретар на Владата, Зеќири. Тој е е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластувања. Првата мерка притвор од 30 дена му беше изречена на 9 април. За ова одлука следуваше жалба, но таа беше одбиена.
Тој во притвор во затворот „Скопје” во Шуто Оризари заврши на 9 април како осомничен во истрага што ја отвори Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Во истрагата со поранешниот генерален секретар на Владата осомничени се и двајца хрватски државјани. Случајот се однесува на злоупотреби во врска со склучување договор за консултантски услуги односно за изработка на физибилити студија за „Пошта на Северна Македонија“.
Обвинителството го сомничи генералниот секретар оти во периодот од април 2021 до јануари 2022 г., без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма кои биле во вкупна вредност од 941 985 евра што е за околу 147 000 евра повеќе од 795 000 евра, износ што бил договорен за консултантските услуги.