Во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани, се вели во соопштението од ОЈО
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против двајца хрватски државјани и еден државјанин на Северна Македонија.
Како што соопштија од Јавното обвинителство, постои основано сомнение дека првоосомничениот висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 в.в. ст. 3 в.в. ст. 1 од КЗ на РМ, за што му помогнале останатите двајца осомничени.
„Во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба, првоосомничениот, без спроведување соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57 932 100 денари, а на штета на Буџетот на Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795 000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“,
се вели во соопштението.
Ценејќи дека постои реална опасност осомничените да се дадат во бегство, дотолку повеќе што двајца се странски државјани, ако се има предвид кривичното дело што им се става на товар, како и опасност доколку осомничените се бранат од слобода да ги уништат трагите или да влијаат врз потенцијалните сведоци или да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерка притвор за тројцата осомничени.