Против Рашковски е отворен судски случај познат во јавноста како „Софтвери“ во кој тој е обвинет дека со злоупотреба на службената должност набавил софтвер за МВР што не се користи
Антикорупционерите денеска поднесоа иницијатива за поведување кривична постапка до Јавното обвинителство против поранешните генерални секретари во Владата – Драги Рашковски и Мухамед Зеќири – кои според Антикорупциска сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Според претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, законска основа за оформување на овој предмет била објавата во медиумите дека Владата за потребите на Генералниот секретаријат заради извршување специфични ангажмани врз основа на авторски договори ангажирала поголем број физички лица надвор од редот на вработените, при што биле исплаќани хонорари кои само за еден месец изнесувале над 37 000 евра односно над еден милиони евра за 2019 и 2020 година.
Според одговорот од Генералниот секретаријат на 31.10.2021 година, вработени во редовен работен однос биле 253 лица, преку авторска агенција во тој момент биле 54, а отстапени работници преку приватна агенција биле 18 и ангажирани преку договор за дело биле осум лица.
Генералниот секретаријат пред склучување на договорот, како што велат од ДКСК, писмено се обраќал до авторската агенција, од која барал склучување авторски договор со конкретни лица, чии лични податоци се содржани во барањето, во кое се наведени задачите што лицето ќе ги извршува, месечниот надоместок и периодот на ангажманот.
Инаку, Обвинителството го обвинува Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма кој бил во вкупна вредност од околу 941 985 евра, што е за околу 147 000 евра повеќе од 795 000 евра, износ што бил договорен за консултантските услуги.
Против Рашковски е отворен судски случај познат во јавноста како „Софтвери“ во кој тој е обвинет дека со злоупотреба на службена должност набавил софтвер за МВР што не се користи ниту, пак, бил во план да се користи, при што му овозможил богатење на трето лице.