Ексгенералниот секретар на Владата се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања, а покрај него обвинети се уште шест лица
Со презентирање материјални докази на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Софтвери“ каде што првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
На денешната расправа, како што јави МИА, обвинителката Ивана Трајчева изведуваше докази кои се однесуваат на пораки помеѓу Рашковски и другите вклучени во случајот, како и документи поврзани со спорните набавки за кои се товарат обвинетите.
Ексгенералниот секретар на Владата се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања, а покрај него обвинети се уште шест лица.
Обвинението во случајот „Софтвери“ опфаќа набавки на два софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, кои според обвинителството никој не ги барал и не ги користел. Исто така, обвинението опфаќа и исплата на хонорари од коишто, според обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе. Рашковски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него обвинети се уште шест лица: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ни една институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
- Ирена Каревска од „360 степени“ ја освои наградата „Никола Младенов“ за случајот „Рашковски“
- (ВИДЕО) Наградата „Никола Младенов“ за Ирена Каревска од 360°: „Професионално, темелно и етички доследно истражување“
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барале ниту планираат да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021 година.