Наградата за Најдобра репортерска фотографија му се додели на фоторепортерот Игор Бансколиев, за фотографијата на тема „ Херојот од Дељардовце“, објавена во дневниот весник „Нова Македонија“
Новинарката која е дел од тимот на „360 степени“, Ирена Каревска, ја освои годинешната награда за најдобра истражувачка сторија, која ја доделува Македонскиот институт за медиуми, а го носи името „Никола Младенов“, по основачот на неделникот Фокус.
Каревска ја доби наградата за серијалот од 10 ТВ-прилози преку кои го истражува случајот со набавката на софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот секретар на Владата, Драги Рашковски, објавени во емисијата „360 степени“ на Алсат-М телевизија.
„Преку серијал од 10 прилози спакувани во модерен телевизиски продукт, Каревска умешно го води читателот низ истражувачкиот процес во кој континуирано обелоденува нови, скандалозни и компромитирачки информации, со кои демонстрира темелно новинарско истражување поткрепено со факти, докази и изјави од релевантни извори и соговорници“,
стои во образложението на комисијата за доделување на наградите.
Комисијата одлучи да додели и пофалница за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија на новинарот Влатко Стојановски за серијалот текстови на тема „Офшор-компании“, објавени на интернет-платформата на СКУП Македонија.
Наградата за Најдобар иновативен новинарски производ ја доби новинарката Катерина Топалова, за мултимедијалната сторија „Од партиска крава до златна кокошка “ објавена на интернет-платформата „Само прашај“.
Наградата за Најдобра репортерска фотографија му се додели на фоторепортерот Игор Бансколиев, за фотографијата на тема „ Херојот од Дељардовце“, објавена во дневниот весник „Нова Македонија“.
Доделувањето на наградите „Никола Младенов“ се одржа вечерва во ресторанот Рагуза, а Македонскиот институт за медиуми воедно прослави и 20 години постоење.