Претставничката на СЗО во земјава не сака да лицитира со конкретен датум за тоа кога ќе пристигнат вакцините, кои вели дека се пакуваат за повеќе земји, вклучително и Северна Македонија, и ќе дојдат многу скоро
Две работи се клучни: Кога ќе ви биде понудена вакцина земете ја и не се колебајте и второ, сè додека нема глобално задоволително ниво на вакцинација, кое се проучува, сè додека не ни кажат дека може да ја тргнеме заштитната опрема мора да чекаме, вели претставничката на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, Џихан Тавила, за Сител ТВ.
Во таа насока, таа зборува и за квалитетот на вакцината на „Астра Зенека“, која инаку ќе ја добие Северна Македонија од Ковакс системот, па порачува дека станува збор за безбедна вакцина и ги охрабрува граѓаните да ја примаат.
„Проблемите кои ги слушнавме неодамна за несакани ефекти се многу, многу ретки, а веќе десетици милиони дози се аплицирани, но сме слушнале само за околу 50 несакани ефекти. Ова е вистина, но истражувањата покажаа дека нема поврзаност помеѓу згрутчувањето на крвта и вакцината на ’Астра Зенека‘. Важно е да се запамети дека мора да ги имаме фактите, податоците, а СЗО вчера објави дека нема дополнителен ризик за згрутчување на крвта или какви било проблеми со крвта поради оваа вакцина споредбено со општата популација. Сакам да ги потсетам луѓето дека ковид вакцината нема да ги заштити од други болести“,
вели Тавила.
Претставничката на СЗО не лицитира со конкретен датум и за тоа кога ќе пристигнат вакцините, кои вели дека се пакуваат за повеќе земји, вклучително и Северна Македонија, и ќе дојдат многу скоро.
„Направив една грешка кога изјавив дека би требало да стигнат во средината на март. Ајде да не направиме уште една грешка. Но сигурна сум дека Министерството за здравство ќе биде прво информирано за датумот на пристигнување на вакцините и Владата и тие ќе ви кажат датум, бидејќи ако не сме сигурни дека вакцините се ставени во авионот и доаѓаат кон Северна Македонија, во Скопје никој не може да ви каже конкретен датум“,
изјави Тавила.