Регионалниот директор на СЗО за Европа, потврди дека преку Ковакс системот земјава ќе добие вакцини од „Астра Зенека“. Во однос на оспорувањата на оваа вакцина од повеќе земји поради несакани ефекти, тој рече дека и Европската агенција за лекови (ЕМА) и СЗО ги разгледуваат случаите, но потенцираше дека бенефитот од вакцинацијата, вклучувајќи ја и „Астра Зенека“, ги надминува ризиците
Вакцините преку Ковакс системот во Македонија ќе стигнат за неколку недели, вели регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација (СЗО), Ханс Клуге, во интервју за Телма ТВ.
Тој не кажа конкретен датум.
„Глобално има недостаток на вакцини. Вистина е дека Северна Македонија се запиша во Ковакс механизмот што е одлично. Но сè зависи од, прво, достапноста на вакцини – значи од производството на вакцини, и второ договорот кој треба да се потпише со УНИЦЕФ. Значи, Владата на Република Северна Македонија стори сè што требаше, не само за вакцините, туку и за подготвеноста на здравствениот систем, да обезбеди соодветна обука и опрема. Исто и нарачката за Северна Македонија веќе е направена, затоа сега се работи за неколку недели. Во контакт сум со седиштето на УНИЦЕФ како и со регионалната канцеларија да се стори сè што е возможно да се забрза процесот“,
рече Клуге.
Преку Ковакс системот, потврди тој, земјава ќе добие вакцини од „Астра Зенека“.
Во однос на оспорувањата на оваа вакцина од повеќе земји поради несакани ефекти, тој рече дека и Европската агенција за лекови (ЕМА) и СЗО ги разгледуваат случаите, но потенцираше дека бенефитот од вакцинацијата, вклучувајќи ја и „Астра Зенека“, ги надминува ризиците.
„Стапката на тромбоза или несаканите ефекти кои се забележани кај луѓе кои се вакцинирани се многу, многу пониски од целото население. Во таа насока, ќе следуваа заклучни извештаи, но што треба да за запомни е дека факторот на уништување кој предизвикува смрт е самиот вирус. И не само вирусот“,
вели Клуге.