„Пред една година, партнерите имаа реализирано 38% од предвидените реформски чекори. Денес, таа бројка достигна 63 отсто, а станува збор за реформи што навистина носат промени. Во наредните недели, тоа би можело да овозможи дополнителни 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија“, рече претседателката на Европската комисија
Покрај реформите, Кошта нагласи дека регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни услови за напредок во пристапувањето. Тој повика на понатамошно решавање на билатералните спорови и на надминување на прашањата што произлегуваат од минатото и порача дека регионот треба да се фокусира на иднината

Европската унија планира да прераспредели значителни средства од Планот за раст за Западен Балкан кон трите земји кои постигнале најголем напредок во рамките на механизмот, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференцијата по Самитот ЕУ – Западен Балкан.
Одговарајќи на прашање за Планот за раст и можноста средствата да се пренасочат од земјите кои не оствариле доволно резултати кон оние со подобри реформски перформанси, Фон дер Лајен потврди дека Европската комисија има намера да ја искористи таа можност.
„Навистина, имаме голем интерес достапните средства да се стават во функција. Треба да ја искористиме можноста што средствата се на располагање, да ги инвестираме и да овозможиме тие да дадат резултати. Затоа, планираме да прераспределиме значителни средства кон трите земји кои постигнале најголем напредок во рамките на овој механизам“,
рече Фон дер Лајен.
Според неа, оваа година, спроведувањето на Планот за раст значително е забрзан.
„Пред една година, партнерите имаа реализирано 38% од предвидените реформски чекори. Денес, таа бројка достигна 63 отсто, а станува збор за реформи што навистина носат промени. Во наредните недели, тоа би можело да овозможи дополнителни 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија“,
рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата.
Таа рече и дека земјите од Западен Балкан мораат и меѓусебно повеќе да се поврзуваат и тука, како што додаде, се гледа напредок. Смета дека трговијата во рамките на регионот значително е порасната, квалификациите сè повеќе се признаваат преку границите, регионалниот роаминг им овозможува на луѓето полесно да останат поврзани, а „зелените коридори“ ја забрзуваат трговијата.
„Успехот на проширувањето ќе се мери според промените што ќе ги донесе во животите на луѓето: повеќе можности за младите, повеќе бизниси што можат да растат и да тргуваат преку границите, како и поголема доверба во иднината. Токму тоа треба да го овозможи нашиот европски проект. Имаме историска можност да го постигнеме тоа. Европската унија е подготвена да го направи својот дел, и уверена сум дека заедно можеме да го претвориме сегашниот замав во траен напредок“,
додаде Фон дер Лајен.
На прес-конференцијата беше прашано и дали процесот на проширување може да забави поради ангажманот на европските институции и земјите-членки околу новата Повеќегодишна финансиска рамка, како и поради војната во Украина.
Претседателката на Европската комисија увери дека двата процеса се одвиваат паралелно и дека проширувањето не е ставено во втор план поради преговорите за европскиот буџет.
„Работиме паралелно на двата колосека. Секако, интензивно работиме на Повеќегодишната финансиска рамка, но истовремено се одвива и интензивна работа на процесот на пристапување“,
рече Фон дер Лајен.
Таа посочи дека активностите во рамките на процесот на пристапување продолжуваат преку меѓувладините конференции, состаноците на министрите за надворешни работи и работата на европската комесарка за проширување, Марта Кос, која, како што рече, интензивно соработува со сите земји-кандидати за да се постигне напредок.
„Двата процеса се важни и се одвиваат паралелно“,
нагласи претседателката на Европската комисија.
И претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, посочи дека процесот на проширување не мора да чека да завршат преговорите за новата финансиска рамка. Тој објасни дека во предложената рамка експлицитно е предвидено нејзино ревидирање доколку дојде до пристапување на нови членки во Европската унија.
„Не мора да чекаме едниот процес целосно да заврши за да продолжиме со другиот. Како што рече претседателката, можеме да работиме на двете работи истовремено“,
рече Кошта.
Според Кошта, предизвикувачката геополитичка ситуација само ја нагласува потребата од уште потесни врски меѓу Европската Унија и Западен Балкан.
„Денешниот самит ја потврди перспективата за членство на Западен Балкан во Европската Унија. Мојата порака до сите партнери беше јасна: одржете го темпото и спроведете ги реформите што ќе ве доведат до Европската Унија. Проширувањето е реална можност и таа треба да се искористи“,
рече тој.
Претседателот на Европскиот совет порача дека напредокот на Црна Гора и Албанија во евроинтегративниот процес покажува дека членството во Европската унија не е илузија, туку реална можност за оние што се ангажираат.
Тој посочи дека оваа година е започнат процесот на изготвување на Договорот за пристапување на Црна Гора, чекор кој, како што нагласи, не бил преземен повеќе од една деценија, додека Албанија веќе започнала со затворање на преговарачките поглавја. Според Кошта, овие примери покажуваат дека и останатите партнери од Западен Балкан имаат можност да напредуваат кон членство во Унијата.
Покрај реформите, Кошта нагласи дека регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни услови за напредок во пристапувањето. Тој повика на понатамошно решавање на билатералните спорови и на надминување на прашањата што произлегуваат од минатото и порача дека регионот треба да се фокусира на иднината.
„Време е да се гледа напред, а не наназад. Само така нашите партнери од Западен Балкан можат да постигнат вистински напредок и да ги преземат своите одговорности како идни членки на стабилна, просперитетна и обединета Европа“,
порача Кошта.
Тој потсети дека и самата Европска унија е изградена врз принципите на помирување и мир, а проширувањето е важен инструмент за нивно унапредување. Кошта увери дека земјите од регионот можат да сметаат на поддршката на Унијата, која, како што рече, останува нивен најсигурен партнер.
Претседателката на Европската комисија рече дека ЕУ сака да ги приближи земјите од Западен Балкан до Единствениот европски пазар и да им овозможи конкретни придобивки уште пред членството, преку постепена интеграција, отворање на одредени сектори и финансиска поддршка за реформите.
Фон дер Лајен нагласи дека Унијата паралелно се подготвува за идното проширување, преку анализи на последиците врз институциите, политиките и буџетот, но дека придобивките од интеграцијата не треба да се одложуваат до моментот на пристапување.
Како конкретни резултати од постепената интеграција, таа ги посочи приклучувањето на четири партнери од Западен Балкан кон Единствената област за плаќања во евра (SEPA), што овозможува побрзи и поевтини трансакции, како и започнатите преговори за иницијативата „Роаминг како дома“.
„Преговорите за ова започнаа минатиот месец со Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово. Ова се конкретни придобивки за граѓаните, дури и пред пристапувањето“,
рече Фон дер Лајен.
Таа најави дека на почетокот на следната година Европската комисија ќе започне дијалози за постепена интеграција со секој од партнерите од Западен Балкан, приспособени на нивните специфични потреби, со цел да се идентификуваат нови можности за пристап до Единствениот европски пазар.
