Тој очекува дека и во овој декемврски извештаен период ќе бидеме најдобри во исполнување на целите од Реформската агенда

Македонија останува посветена на конструктивниот дијалог, партнерството и активното учество во процесите што ја обликуваат нашата заедничка иднина, истакна претседателот на Владата Христијан Мицкоски по завршувањето на Самитот на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан во Брисел.
Во изјавата по средбата Мицкоски рече дека разговарале за проширувањето, за Реформската агенда, за Планот за раст, за голем дел од реформите и придобивките коишто во минатото земјата ги има завршено.
Тој очекува дека и во овој декемврски извештаен период ќе бидеме најдобри во исполнување на целите од Реформската агенда.
„Ние како држава продолжуваме и понатаму да испорачуваме проекти коишто се дел од Реформската агенда. Очекуваме и овој декемвриски, би рекол, извештаен период да помине исто така одлично, повторно да бидеме најдобри фронт-ранери“,
рече Мицкоски во видеообраќање емитувано на неговиот профил на Фејсбук.
Рече и дека на средбата се зборувало за дополнување на пакетот којшто е дел од Реформската агенда, а неговите очекувања се дека земјата ќе добие десет проценти зголемување од веќе добиените 750 милиони евра.
„Така што посветеноста останува. Ние сме тие кои зборуваме дека е доста од билатерализација, доста е од билатерални прашања, да зборуваме за заслуги, да зборуваме за учинок и ние како Македонија тоа го правиме и тука. Ќе се бориме за она што е наш аргумент, ќе се бориме за македонските граѓани“,
додаде Мицкоски.
На средбата, како што рече тој, се разговарало за проширувањето, за Реформската агенда, за Планот за раст и за сѐ што следува во периодот што е пред нас.
„Разговаравме за голем дел од реформите и придобивките што во минатото ги завршивме, како што се СЕПА, ‘Роаминг како дома’. Практично она за што денеска зборував, е тоа дека откако ги завршивме техничките преговори со ЕК, следна и целосна функционалност и имплементација на проектот ‘Роаминг како дома’, ќе подразбира дека македонските граѓани кога ќе комуницираат со земјите од ЕУ ќе ги наплаќаат практично услугите исто како да се дома“,
кажа тој.
Претходно Мицкоски на Фејсбук објави дека на Самитот преку дијалог, размена на мислења и заедничка дискусија се отвораат важни прашања за иднината, соработката и заедничките предизвици.
„Ваквите средби се значајна можност за градење доверба, зајакнување на партнерствата и унапредување на меѓународната соработка. Македонија останува посветена на конструктивниот дијалог, партнерството и активното учество во процесите што ја обликуваат нашата заедничка иднина“,
напиша тој.
Лидерите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан денеска во Брисел одржуваат Самит посветен на европската перспектива на регионот, забрзувањето на процесот на проширување, спроведувањето на реформите и зајакнувањето на безбедносната и политичката соработка во услови на сложени геополитички околности.
