„Лажејќи се себеси се обидуваат да го лажат и македонскиот народ дека ова коешто го прават и ова коешто денес, за нив е најголем приоритет бил и во 2022, бил и во 2018 година. Ама кога тие биле на власт, тогаш не бил, но и тогаш седумте жртви на фемицид имале име и презиме, како што имаат и денес“, рече министерот

И во 2022 и во 2018 имаше седум жртви на фемицид, колку што има во 2026, но од тие што денес се најгласни немаше барање за оставки од тогашниот министер за внатрешни работи, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на настан што се одржа под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилство“, во организација од Унијата на жени, Градскиот комитет и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а е во рамки на кампањата против родово базирано насилство „16 дена активизам“.
Според Тошковски, сите ги знаат жртвите од 2026 со име и со презиме, но никој не ги памети тие од 2018 или од 2022.
„Паметите некое име од 2002 година? Тоа не е бројка. Седум жени загинале како последица на семејно насилство и во 2022 година. Дали некој од вас памети име на некоја од тие жени? Седум е бројката на загинати жени како последица на семејно насилство 2018 година. Дали некој од овие коишто протестираа денеска, граѓани на коишто им го разбирам гневот, го разбирам незадоволството, го разбирам разочарувањето, но дали некој од тие памети име на жена која го загубила животот како последица на семејно насилство во 2018 година“,
запраша Тошковски.
Како што додаде тој, ова е едно од најголемите општествени зла што ги има во Македонија, и ако тоа се признае, ќе може многу полесно да се види што треба да се направи во иднина.
Тошковски се осврна и на прашањето до каде е одговорноста на полицијата во справувањето со овој проблем, а до каде е таа на другите општествени чинители.
„Дали полицијата е таа којашто е единствена во рамки на системот општествен којшто треба да делува или има и други институции коишто треба да го дадат своето, невладини организации, а пред се би тргнал од семејството“,
рече тој.
Министерот смета дека оние што протестираат денес, не го сметале справувањето со семејното насилство како најголем приоритет во 2022 и во 2018 година, кога, како што рече, биле на власт.
„Претпоставувам дека и по четврти пат ќе има барање за интерпелација за период од две години за министерот на внатрешни работи, но не се сеќавам дека некој од оние коишто сега од петни жили се обидуваат да ја префрлат вината на министерот за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, во 2022 кога исто сме имале седум фемициди, истите тие коишто денес се најгласни да побарале оставка од тогашниот министер. И тоа е нивно право, но тие лажејќи се себеси се обидуваат да го лажат и македонскиот народ дека ова коешто го прават и ова коешто денес, за нив е најголем приоритет бил и во 2022, бил и во 2018 година. Ама кога тие биле на власт, тогаш не бил, но и тогаш седумте жртви на фемицид имале име и презиме, како што имаат и денес“,
рече Тошковски.
Според него, за разлика од порано, денес се дејствувало, така што во 2026 година е сменет Крвичниот законик со кој се предвидува телесната повреда да биде кривично дело за кое што по службена должност постапува Министерството за внатрешни работи.
Лани, како што рече министерот, имало 44 притвори за осомничените сторители на семејно насилство, годинава има 163, што, според него, значи дека институционалниот одговор мерен преку изречени најстрогимерки притвор е зголемен за 300 отсто.
„Ве уверувам дека Македонија ќе си ја направиме поубаво место за живеење со работа и со отвореност, со храброст и со сплотеност. Ако ни е целта на сите да живееме во една безбедна Македонија, тогаш фокусот на Македонија мора да биде жената и детето“,
нагласи Тошковски.
Денеска, во Скопје се одржа протестен марш на граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ , кој почна од пред републичкото Собрание, а заврши во близина на Министерството за внатрешни работи. Целта на протестот беше да се побара итна институционална одговорност и навремена заштита на жртвите на родово базираното насилство.
