Клековски ги завршил интервјуата во АНБ за добивање безбедносен сертификат и очекува наскоро да ја разгледа документацијата за случајот со наводно непотребни кардиохируршки интервенции. За тоа дали досието е доставено до Обвинителството, вели дека засега нема информации
Министерот за здравство Сашо Клековски очекува наскоро да добие пристап до документацијата поврзана со случајот познат во јавноста како непотребни операции на срце. Најави дека сознанијата потоа ќе ги сподели со јавноста.

Случајот се однесува на обвинувањата што во август минатата година ги изнесе интервентниот кардиолог проф. д-р Сашко Кедев за наводно извршување непотребни кардиохируршки операции и интервенции во здравствени установи во земјава, пред сè во приватниот сектор, заради остварување финансиска корист.
Одговарајќи на новинарско прашање дали веќе го разгледал досието, Клековски рече дека ги завршил интервјуата во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во врска со добивањето безбедносен сертификат и очекува наскоро да добие пристап до документацијата.
„Ги завршив интервјуата во АНБ за мојот сертификат. Се надевам дека многу брзо ќе можам да пристапам до досието и да ве информирам. Мислам дека сум најдоследен во барањето да има разрешница за сите случаи, како што во изминатите две години имаше кривични постапки и пресуди“,
вели тој.
Посочи дека во здравствениот систем веќе има случаи за кои се изречени судски пресуди, наведувајќи го како пример случајот со поранешниот директор на Јавната здравствена установа Геријатрија.
Клековски нагласи дека заштитата на пациентите и квалитетот на здравствените услуги се приоритет за здравствените власти.
На прашањето дали документацијата за спорните кардиохируршки интервенции е доставена до Јавното обвинителство, со оглед на тоа што неговиот претходник најави дека ќе биде испратена до сите надлежни институции, министерот одговори дека во моментов нема таква информација.
Повеќе детали за случајот, како што додаде, ќе сподели со јавноста откако ќе добие пристап до досието.
По откривањето на случајот со непотребните операции на срце во август минатата година лично од д-р Сашко Кедев, тогашниот министер за здравство Азир Алиу формира 15-члена комисија, која на 14 ноември истата година излезе со прелиминарен извештај.
Според наодите на комисијата, од 19 анализирани пријави за сомнителни случаи на непотребно извршени интервенции на срце, кај 10 биле утврдени непотребно извршени операции или непотребно упатување за операции.
Наодите на интерната комисија на Министерството за здравство, Кедев во интервју за „360 степени“ во декември лани ги нарече „врвот на сантата мраз“, велејќи дека станува збор за бројки што се минимални во однос на потенцијалните неправилности и недоследности од овој аспект. Кардиологот оцени дека ако остане без завршница, случајот ќе отвори големи сомнежи во јавноста.
