Не треба да ги коментираме судските одлуки, меѓутоа тоа е крајно понижувачки, нешто што упатува на губење на доверба кај граѓаните во системот, вели министерот за внатрешни работи
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одлуката на Апелациониот суд – Скопје за укинување на првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ смета дека е крајно понижувачка и оти упатува на губење на довербата на граѓаните во системот.
„Не треба да ги коментираме судските одлуки, меѓутоа тоа е крајно понижувачки, нешто што упатува на губење на доверба кај граѓаните во системот. Ќе се одработи од страна на институциите, од полицијата, ќе се одработи од Јавното Обвинителство, ќе се соберат доказите, ќе се приложат на суд и на крајот се доведуваме до една ваква позиција. Тоа не е добро и тоа е одлика за тоа што се случува со перцепцијата на граѓаните во делот на борбата против криминалот и корупцијата“,
истакна Спасовски одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира одлуката на Апелација за укинување на првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина“.
Освен Спасовски, денеска загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд со која ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ и го врати предметот на повторно постапување изрази и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска. Таа го повика второстепениот суд детално да ја образложи оваа одлука.
Вицепремиерката истакнува дека уште позагрижувачки се информациите дека поради неажурното одлучување на судиите можно е застарување на делото кое, како што додава, значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права.
И в.д. претседателот на Алијанса за Албанците денеска ја коментираше одлуката на Апелацискиот суд Скопје.
„Државата капитулира пред криминалот и корупцијата, а најдобар доказ за тоа е враќањето на нула на случајот со Сашо Мијалков за масовно следење на граѓаните на земјава“,
е коментарот на Таравари.
Апелацискиот суд Скопје ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, со која поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затворска казна и го врати предметот на повторно судење.
„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда, покрај Мијалков, на затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Највисоки казни од по 15 години затвор добија двајцата избегани контраразузнавачи од т.н. Петта управа на тогашната УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски.