До наводното повлекување, американските сили беа стационирани во курдскиот регион Ербил, во база лоцирана во близина на аеродромот во Багдад и во владиниот округ на главниот град, познат како „Зелена зона“
Премиерот на регионалната влада на Курдистан, Барзани, изрази разочарување од повлекувањето на американската војска, нарекувајќи го „срамно“ бидејќи, според него, регионот и Ирак се под закана од Иран и неговите сојузници
Сите американски борбени сили и единици за логистичка поддршка целосно се повлекоа од Ирак, изјавил неименуван владин претставник во Багдад за новинската агенција ДПА. Сепак, засега нема официјална потврда од Вашингтон за наводното напуштање на нејзините сили на земјата.

Инаку, Ирак и САД во 2024 година се согласија американските сили да се повлечат од земјата, каде, според податоците на Пентагон, имаше околу 2 500 распоредени американски војници.
До наводното повлекување, американските сили беа стационирани во курдскиот регион Ербил, во база лоцирана во близина на аеродромот во Багдад и во владиниот округ на главниот град, познат како „Зелена зона“.
Соединетите Држави и дел од сојузниците, и покрај меѓународните критики, го нападнаа Ирак во 2003 година, соборувајќи го режимот на поранешниот претседател на земјата, Садам Хусеин.
По повлекувањето во 2011 година, американската војска се врати во 2014 година на барање на ирачката влада со цел да помогне во борбата против терористичката организација „Исламска држава“.
Инаку, рокот за повлекување на американските сили од Ирак истекува в среда (30 септември), кога во земјата започнуваат четирите неработни дена по повод прославата на Денот на независноста.
Безбедносната ситуација во Ирак повторно се влоши од почетокот на војната меѓу Иран и Ирак, за време на која беа нападнати американски објекти и војници во земјата, како и припадници на курдските сили.
Курдскиот регион во Ирак беше цел на стотици ракетни и напади со беспилотни летала, а под оган се најде и канцеларијата на премиерот на автономниот регион Масрур Барзани.
Според Иран, автономниот курдски регион е сојузник на Западот и на Израел. Во Ербил се наоѓа мултинационална база, каде што беа стационирани американски и германски војници, која исто така беше цел на напади.
Премиерот на Ирак, Али ал-Саиди претходно најави дека паравоените групи во Ирак, поддржани од Иран, ќе се разоружаат и ќе се интегрираат во државниот безбедносен апарат паралелно со повлекувањето на американските војници. Но, ваквиот план подоцна беше пролонгиран до јуни следната година.
Премиерот на регионалната влада на Курдистан, Барзани, изрази разочарување од повлекувањето на американската војска, нарекувајќи го „срамно“.
„Заканата е реална, ранливи сме и под напад. Срамно е да се остане без каков било, да го наречеме, соодветен одбранбен систем“,
изјави Барзани, пренесоа светските агенции.
Курдите се етничка група од околу 30 милиони луѓе, кои живеат во Ирак, Иран, Сирија и Турција. Тие со децении се борат за сопствена држава и долго време се соочуваат со прогон и репресија.
Полуавтономниот курдски регион во Ирак беше воспоставен по падот на Хусеин во 2003 година. Пред тоа, регионот беше заштитен со зона на забранети летови, воведена од американската војска во 1991 година. Односите помеѓу курдската влада, со седиште во Ербил, и централната влада во Багдад се постојано тензични.
