Според податоците, водечкиот извозник во регионот, Саудиска Арабија, овој месец требало да испорача околу 5,4 милиони барели дневно, а во август нејзиниот извоз изнесувал само 2,446 милиони барели дневно

Извозот на сурова нафта од производители од Блискиот Исток достигна 12,8 милиони барели дневно, што е највисоко ниво од почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран, пишува Ројтерс.
Ова закрепнување следува по порастот на извозот преку Ормускиот Теснец, кој овој месец требаше да достигне околу 7,4 милиони барели дневно, откако Саудиска Арабија го пренасочи извозот на нафта од пристаништето Јанбу на Црвеното Море по нападите што го оштетија нејзиниот нафтовод „Исток-Запад“.
Иако извозот од регионот – кој ги опфаќа Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Оман, Катар, Кувајт и Иран – забележа пораст, тој сепак е за околу 6 милиони барели дневно помал во споредба со 18,8 милиони барели дневно во февруари, покажале податоците на компанијата „Кплер“ (Kpler).
Според податоците, водечкиот извозник во регионот, Саудиска Арабија, овој месец требало да испорача околу 5,4 милиони барели дневно, а во август нејзиниот извоз изнесувал само 2 446 милиони барели дневно.
Септемвриските испораки од заливското пристаниште Рас Танура се зголемиле на околу 3,6 милиони барели дневно, од августовските 929 илјади барели, но тоа и натаму е помалку од 6 411 милиони барели дневно испорачани во февруари.
Податоците на „Кплер“ покажуваат дека вкупно 19 супертанкери за сурова нафта, од кои секој превезувал по 2 милиони барели саудиска нафта, минатата недела поминале низ Ормускиот Теснец.
Сепак се додава дека во овие бројки не се вклучени пловните објекти што можеби поминале низ теснецот со исклучени транспондери на системот за автоматска идентификација за да избегнат откривање.
Пред почетокот на војната со Иран на 28 февруари, низ теснецот вообичаено поминувале околу 125 големи комерцијални пловни објекти дневно – вклучувајќи танкери, бродови за превоз на гас, бродови за рефусeн товар и контејнерски бродови – што сочинувало околу 20 отсто од светското дневно снабдување со сурова нафта и течен природен гас.
